ВЛAДИН ЛИРЏЕТ, ПРИВАТНИ ПАТУВАЊА И МИЛИОНСКА ШТЕТА Обвинение против поранешен директор на СОЗР

Обвинителството тврди дека без основ биле одобрувани патувања, користен владин авион и службени средства, а штетата за буџетот се проценува на над 8 милиони денари.

ВЛAДИН ЛИРЏЕТ, ПРИВАТНИ ПАТУВАЊА И МИЛИОНСКА ШТЕТА Обвинение против поранешен директор на СОЗР
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), кој се товари за продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување службена исправа.

Според обвинението, обвинетиот во периодот од јули 2021 до март 2024 година, користејќи ја функцијата директор на СОЗР, потпишувал решенија и патни налози за службени патувања во странство без да постојат реални основи за нивно одобрување.

Обвинителството наведува дека тој за приватни цели го користел владиниот авион „Лирџет 60“, а трошоците за патувањата, како и хотелските и угостителските услуги, биле плаќани од буџетските средства на СОЗР и преку службена картичка издадена на негово име. Со овие дејствија, според обвинението, бил предизвикан финансиски трошок од 2.562.139 денари.

Дополнително, обвинетиот се товари дека во периодот од октомври 2023 до јуни 2024 година не презел службени дејствија во врска со пилот вработен во СОЗР, со што му овозможил неоправдано да продолжи да прима плата иако не ги исполнувал потребните стандарди за управување со владиниот авион.

Како што соопшти Обвинителството, иако бил информиран дека пилотот нема да ги исполни потребните услови за летање со „Лирџет 60“, обвинетиот не побарал надомест на трошоците за обуката ниту презел мерки за прекин на работниот однос. Со тоа, на Буџетот на СОЗР, според наводите, му била нанесена штета од 5.431.624 денари.

Поранешниот директор е обвинет и за фалсификување службена исправа при постапки за јавни набавки за изнајмување возила за превоз на делегации и транспорт на цивилно население од Авганистан во Македонија.

Обвинителството тврди дека договорите биле склучени со иста компанија за изнајмување возила, а во изјавите за непостоење судир на интереси биле внесени невистинити податоци. Имено, според истрагата, обвинетиот и неговата сопруга користеле возила од истата фирма без надомест, пред, за време и по неговиот мандат.

Во истиот предмет била водена истрага и против сопственикот на фирмата за сомнение за давање поткуп. Сепак, по спроведената истражна постапка, јавниот обвинител не утврдил дека постоела намера за влијание врз јавните набавки, поради што истрагата против него е запрена.

CATEGORIES
TAGS
Share This