(ВИДЕО) ПУКНА ПРОЗОРЕЦ НА АВИОН ЗА ВРЕМЕ НА ЛЕТОТ ОД СОЛУН Патници спасиле повреден Србин

По оштетувањето на прозорецот дошло до декомпресија на кабината, а патниците успеале да го извлечат 61-годишниот Србин кој седел до прозорецот.

(ВИДЕО) ПУКНА ПРОЗОРЕЦ НА АВИОН ЗА ВРЕМЕ НА ЛЕТОТ ОД СОЛУН Патници спасиле повреден Србин
Фото: Принтскрин

Вистинска драма се одвивала за време на летот од Солун кон Меминген, Германија, минатиот петок, кога дошло до пукање на прозорец на авионот и нагла декомпресија на кабината.

Најтешко настрадал 61-годишниот српски државјанин Љубиша Каровиќ, кој седел до прозорецот. Неговата сопруга Светлана тврди дека сигурносниот појас му го спасил животот, бидејќи силниот притисок почнал да го извлекува кон надвор откако прозорецот се оштетил. Според нејзиното сведочење, патниците кои седеле во близина веднаш реагирале. Девојката што била до Љубиша го фатила за раката, а уште неколку патници успеале да го повлечат назад во кабината.

„Бевме во воздух околу 30 до 40 минути кога одеднаш прозорецот пукна. Сопругот седеше до него и за среќа беше врзан. Појасот му го спаси животот. Луѓето од авионот му помогнаа, но кабинскиот персонал речиси и да не реагираше“, изјавила Светлана за грчката телевизија ERT.

Таа додава дека по инцидентот во кабината настанал хаос и автоматски се активирале кислородните маски, а нејзиниот сопруг трипати ја губел свеста. Според неа, патниците се обиделе дури и да затнат дел од оштетениот прозорец со куфер, но силниот воздушен притисок веднаш го извлекол.

Љубиша и натаму се наоѓа во болница со сериозни повреди. Носи медицинска јака околу вратот, а сопругата вели дека и двајцата претрпеле силен психолошки шок. Таа тврди и дека досега никој од авиокомпанијата „Рајанер“ не ги контактирал. Во меѓувреме, на социјалните мрежи, а подоцна и на Би-Би-Си, беше објавено ново видео од внатрешноста на авионот. На снимката се гледа оштетениот прозорец, патници кои го придржуваат повредениот маж и останатите патници со ставени кислородни маски.

Според техничкиот советник ангажиран од семејството, најверојатната причина за инцидентот е дефект на моторот. Како што објасни експертот Христос Главопулос за ERT, дел од моторот се откинал и со голема сила го погодил прозорецот, при што тој се скршил. Тој посочува дека до откажувањето можело да дојде поради дефект на температурниот сензор Т12 или поради замор на материјалот и внатрешно оштетување на конструкцијата.

Надлежните воздухопловни власти водат истрага за да ги утврдат точните причини за инцидентот.

ДРАМА ВО АВИОН Србин преживеа хорор на летот Солун–Минхен, сопругата и патници го спасиле од сигурна трагедија

CATEGORIES
Share This