ФИНАЛЕ ПРЕД ФИНАЛЕТО Мбапе против Јамал во битка за светска слава

Две фудбалски велесили, милијарди евра вредни состави и само едно место во големото финале – спектаклот во Далас е подготвен.

ФИНАЛЕ ПРЕД ФИНАЛЕТО Мбапе против Јамал во битка за светска слава
Фото: Принтскрин

Фудбалските гиганти Франција и Шпанија вечерва ќе ги одмерат силите во првото полуфинале на 23. Светско првенство, во натпревар кој веќе е прогласен за вистински „финале пред финалето“.

На стадионот во Далас ќе се сретнат актуелниот европски шампион Шпанија и Франција една од најголемите фаворитски селекции за мундијалскиот трофеј. Квалитетот на двата состави е огромен, а вкупната пазарна вредност на фудбалерите достигнува речиси 2,8 милијарди евра.

Франција ќе се обиде да испише историја и третпат по ред да обезбеди пласман во финалето на Светското првенство. „Триколорите“ триумфираа во Русија во 2018 година, а четири години подоцна во Катар завршија како второпласирани. Во својата историја имаат четири финалиња и две светски титули.

Од другата страна, Шпанија има едно мундијалско финале, но тоа беше доволно за да стигне до најголемиот успех и освојувањето на светската титула во 2010 година во Јужна Африка.

Двете селекции имаат различен фудбалски пристап. Франција не се потпира на долги периоди на посед, туку на брзи контранапади, силна физичка игра и организирана одбрана. Најголемата опасност за шпанскиот гол ќе ја претставуваат Килијан Мбапе, Усман Дембеле и Мајкл Олисе, чии индивидуални квалитети можат да направат разлика во клучните моменти.

Шпанија, пак, ќе се обиде да ја наметне својата препознатлива филозофија со долг посед на топката, контрола на ритамот и доминација преку средниот ред. Главните фигури во играта се Родри и Педри, додека во нападот најголемата закана доаѓа од младата ѕвезда Ламин Јамал.

Импресивната форма на „Фуријата“ дополнително ја зголемува возбудата. Шпанија има низа од 36 натпревари без пораз, не сметајќи ги дуелите решавани по изведување пенали. Во тој период освои европска титула и трофеј во Лигата на нации, а единствениот трофеј што му недостига на овој тим е светскиот пехар.

Големата полуфинална пресметка меѓу Франција и Шпанија во Далас започнува вечерва во 21:00 часот.

CATEGORIES
Share This