АМСМ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Нема гужви на границите, но на овие патишта демне опасност

АМСМ апелира на внимателно возење поради можност од одрони на повеќе патни делници, додека на неколку магистрални правци сè уште има времен режим на сообраќај поради градежни работи и летните ограничувања за тешките товарни возила.

АМСМ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Нема гужви на границите, но на овие патишта демне опасност
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено по суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, но на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите каде постои можност од појава на одрони. Особена претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е повторно отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

Во сила останува и летниот режим на сообраќај за тешките товарни возила. До 31 август е забрането движење на возила со вкупна маса над 15 тони во следните термини:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот,
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот,
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При денови со екстремно високи температури, забраната важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот, согласно одлуките на Министерството за здравство.

Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебен режим за товарни возила над 7,5 тони:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот,
  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот,
  • недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Овие ограничувања се воведени со цел да се намалат сообраќајните метежи кон Охрид и да се обезбеди побрз проток на возилата во текот на летната туристичка сезона.

Во тек градежни работи на повеќе патни делници

АМСМ информира дека времен режим на сообраќај е воспоставен на повеќе локации поради градежни активности, меѓу кои:

  • мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 кај Штип;
  • мостовите и вијадуктите на делницата Гостивар – Стража (А2);
  • мостовите на реката Вардар кај Желино;
  • изградба на интерконективен гасовод на автопатот А1 кај Смоквица – Гевгелија;
  • рехабилитација на скопската обиколница помеѓу клучките Волково и Кондово;
  • санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост;
  • изградба на Коридорот 10Д на делницата Прилеп – Битола, каде сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.

Од АМСМ ги повикуваат сите учесници во сообраќајот да ја следат поставената сигнализација и да бидат внимателни на местата каде се изведуваат градежни работи.

CATEGORIES
Share This