ТУРЦИЈА ЈА ПОБЕДИ ЕВРОПА ПО ЦЕНИ Еве каде летувањето ќе ве чини најмалку

Анализа на седум популарни туристички дестинации открива огромни разлики во цените на храната, хотелите, превозот и секојдневните трошоци.

ТУРЦИЈА ЈА ПОБЕДИ ЕВРОПА ПО ЦЕНИ Еве каде летувањето ќе ве чини најмалку
Фото: Принтскрин

Доколку просечната кошничка на стоки и услуги во Европската Унија има вредност од 100 евра, нејзината цена значително би се разликувала во зависност од земјата. Според анализата на „Еуроњуз“, која ги споредува цените во седум популарни европски туристички дестинации, Турција е убедливо најприфатлива.

Во Турција, истата кошничка што во просек во ЕУ чини 100 евра, би чинела само 59,6 евра, односно 40,4 проценти помалку. На спротивната страна е Франција, која е најскапа меѓу анализираните земји со индекс од 100,3, малку над европскиот просек.

По Франција следуваат Италија со индекс од 97,1, Шпанија со 91,6, Грција со 87,4, Португалија со 86,6 и Хрватска со 78,4.

Категоријата што најмногу ги интересира туристите ккао што се рестораните и хотелското сместување покажува значителни разлики меѓу земјите. Франција повторно е најскапа со индекс од 116, а веднаш зад неа е Италија со 110,8. Најприфатливи цени во оваа категорија има Португалија, каде што истата кошничка со хотелски и ресторански услуги би чинела 73,6 евра, односно 26,4 проценти помалку од просекот во ЕУ. Турција е исто така меѓу најевтините со индекс од 78,3.

Хрватска, со индекс од 89,6, е нешто поскапа од Грција (86,1) и Шпанија (85,4), но и понатаму останува под европскиот просек.

Кај храната разликите меѓу повеќето земји се релативно мали. Исклучок повторно е Турција, каде што цените се значително пониски. Најскапа храна има во Франција, каде што кошничка вредна 100 евра во ЕУ би чинела 107,9 евра. Во Турција истата кошничка би изнесувала само 75,6 евра. Шпанија е единствената друга анализирана земја со цени под европскиот просек, со индекс од 94,6, додека останатите се малку над просекот.

Иако Турција е најевтина дестинација во целина, алкохолните пијалаци се значително поскапи. Индексот на цените за алкохол достигнува 210,2, што значи дека овие производи се повеќе од двојно поскапи од просекот во ЕУ. По Турција следува Грција со индекс од 154, а потоа Хрватска со 133,9. Најниски цени за алкохол има во Италија (81,9), додека Шпанија е исто така под европскиот просек со 90,1. Франција (100,9) и Португалија (107,1) се блиску до просечните европски цени.

Кај безалкохолните пијалаци разликите се помали. Италија има најниски цени со индекс од 81,8, додека Хрватска е меѓу најскапите со 133,5.

Најголеми разлики се забележуваат кај цигарите и тутунските производи. Турција има убедливо најниски цени со индекс од само 25,4, додека Франција е најскапа со 191,1. Од анализираните земји, Хрватска има второ најниско ниво на цени за тутун со индекс од 64,6, но и таму производите се неколку пати поскапи отколку во Турција.

За туристите кои користат јавен превоз, Турција повторно е најповолна со индекс од 68,3. Единствено Франција е над европскиот просек со 112,8, додека Португалија, Шпанија и Хрватска се движат околу индекс 80. Грција е малку под просекот. Кај морската храна разликите се помали. Цените се движат од индекс 95,4 во Португалија до 112,7 во Грција.

Сепак, анализата не го зема предвид нивото на платите и куповната моќ на населението. Поради тоа, разликите во цените може да бидат помалку забележливи за туристите од побогатите европски земји, додека за патниците од земји со пониски приходи тие може да имаат поголемо влијание.

CATEGORIES
Share This