МАКЕДОНИЈА НИКОГАШ НЕ БИЛА НА МУНДИЈАЛ Но ова може да биде пресвртот
ФИФА размислува за 64 селекции на Светското првенство, а проширувањето може да отвори нова врата за земјите кои сè уште го сонуваат првиот настап.

Џани Инфантино, првиот човек на ФИФА, деновиве повторно се најде во центарот на вниманието поради бројните критики и отворени прашања поврзани со актуелниот Мундијал. Од судењето и организацијата, па сè до укинувањето суспензии, високите цени и други контроверзии, претседателот на светската фудбалска централа се соочува со низа забелешки.
Сепак, Инфантино реши да отвори уште една тема која веќе предизвика реакции во фудбалската јавност. Тој откри дека ФИФА размислува за дополнително проширување на Светското првенство во 2030 година, со можност бројот на учесници да се зголеми од сегашните 48 на дури 64 репрезентации.
„Дали ќе имаме 64 селекции на следниот турнир? Тоа дефинитивно е прашање кое ќе биде разгледано и дискутирано од надлежните комисии по завршувањето на ова Светско првенство“, изјави Инфантино во интервју за швајцарскиот медиум „Блувин“.
Според него, секоја фудбалска нација треба да има можност да сонува за настап на најголемата светска сцена.
„Гледаме дека квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и постојано расте. Ако на помалите земји не им се даде шанса да настапат на Светското првенство, тие нема да имаат доволен мотив да продолжат да напредуваат“, порача првиот човек на ФИФА.
Ова отвора шанса за селекции како Македонија кои никогаш не успеале да се пласираат на Светско првенство најпосле да го почуствуваат амбиентот на еден Мундијалски настан.


