БРЗАЛЕ, ПИЕЛЕ И ВОЗЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА – МВР објави детали од викенд акцијата
64 лица лишени од слобода, одземени 22 возила и изречени 1.426 платни налози во сообраќајните контроли низ државата

Минатиот викенд, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи спроведоа засилени сообраќајни контроли на патиштата низ државата. Во рамки на контролите, од вкупно 1.426 издадени платни налози, 455 се однесуваат на прекршоци поврзани со непочитување на дозволената брзина на движење.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 64 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило. Меѓу нив, 11 возачи биле приведени поради возење под дејство на алкохол, 27 поради управување возило без возачка дозвола, еден поради пречекорување на дозволената брзина во населено место, еден поради преголема брзина надвор од населено место, а еден поради претходно изречена забрана за управување со моторно возило.
Во текот на контролите, одземени биле и 22 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Полициските екипи евидентирале и 187 прекршоци за неправилно паркирање, како и 61 санкција за возење под дејство на алкохол. Поради неносење заштитен шлем, санкционирани биле 126 возачи на мотоцикли, додека 150 учесници во сообраќајот биле казнети поради некористење сигурносен појас.
Дополнително, согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 24 нерегистрирани возила и седум возила поради техничка неисправност. Санкции биле изречени и на двајца возачи поради непочитување на прописите за затемнување на стаклата на возилата.


