18 ИНСТИТУТИ ВЕЌЕ ЗАТВОРЕНИ, НОВИ НА УДАР Јаневска најави чистка на универзитетите
Евалуациите покажале неправилности кај дел од високообразовните институции, а оние што нема да ги отстранат проблемите ќе останат без акредитација.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека дел од високообразовните институции во земјава би можеле да бидат затворени доколку не ги отстранат утврдените неправилности во работењето. Јаневска, која денеска беше во Охрид како дел од владината делегација, изјави дека тековните евалуации на универзитетите и факултетите покажале проблеми во работењето кај одредени институции. Според неа, процесот се спроведува преку Агенцијата за квалитет на високото образование, која во соработка со странски експерти врши проверки на високообразовните установи.
„На повеќе места има неправилности во работењето и се обидуваме тоа да го поправиме на секој можен начин. Во моментов сè уште постапуваме по пријави од одредени лица или групи наставници“, рече Јаневска.
Таа посочи дека за разлика од минатото, кога, според неа, Агенцијата за квалитет на високото образование не функционирала со полн капацитет, сега се спроведуваат редовни евалуации и контроли.
„Првите евалуации со странски експерти покажуваат дека одредени универзитети работат добро, но кај други ќе следува одземање на акредитации. Се почитуваат законските рокови за жалба и можност за отстранување на недостатоците. Оние што нема да ги поправат проблемите ќе бидат затворени“, изјави министерката.
Јаневска откри дека досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, а во тек е постапка за затворање на уште пет до шест институти. Дополнително, Министерството спроведува проверки и мониторинг на најмалку пет универзитети. Министерката не откри за кои конкретни институции станува збор, но нагласи дека сите мерки се преземаат согласно законските процедури и дека на установите им се дава можност да ги надминат забележаните недостатоци.
Јаневска денеска во Охрид изврши увид во реконструкцијата на средното училиште „Свети Климент Охридски“, каде беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски.


