ТЕХЕРАН ДЕМАНТИРА, ВАШИНГТОН ТВРДИ СПРОТИВНО Што се крие зад новите разговори меѓу САД и Иран

По жестоката ескалација, Техеран и Вашингтон прават нов дипломатски чекор за намалување на тензиите.

ТЕХЕРАН ДЕМАНТИРА, ВАШИНГТОН ТВРДИ СПРОТИВНО Што се крие зад новите разговори меѓу САД и Иран
Фото: Принтскрин

Иран не побарал продолжување на преговорите со Соединетите Американски Држави, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Вашингтон и Техеран се согласиле да ги продолжат разговорите.

Изјавата на Багеи доаѓа по информациите дека двете страни би можеле да одржат нова рунда разговори денеска во Оман, земја која традиционално има улога на посредник меѓу Иран и Западот.

Иранскиот портпарол потврди дека Техеран ја прифатил посетата на катарски медијатор, кој пристигнал со цел да помогне во намалување на тензиите. Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи отпатува во Оман, каде што ќе разговара за билатералните односи и регионалната безбедност, особено за состојбата во Ормутскиот теснец.

Според медиумските информации, американската делегација на разговорите би ја предводеле потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Главна тема на разговорите се очекува да биде отворањето на Хормутскиот теснец и обезбедувањето слободна пловидба за комерцијалните бродови. Вашингтон бара Иран јавно да потврди дека теснецот е отворен и дека нема да бидат напаѓани трговските бродови. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД и Иран постигнале договор за продолжување на разговорите, откако, според него, Техеран побарал враќање на дипломатскиот процес.

Во меѓувреме, двете страни продолжуваат со меѓусебни обвинувања околу последната криза, а Белата куќа смета дека ограничувањата во Ормутскиот теснец претставуваат прекршување на договореното примирје. Новата дипломатска иницијатива доаѓа по период на сериозна ескалација меѓу Вашингтон и Техеран, со надеж дека преговорите ќе спречат ново влошување на ситуацијата на Блискиот Исток.

CATEGORIES
Share This