ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, петок, 10 јули 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, петок 10 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Едноцифрените рејтинзи и стравот од изборен дебакл, се причина за блокирањето на Изборниот законик од СДС, Левица и ДУИ

Лошите едноцифрени рејтинзи на ниво на статистичка грешка на СДС, Левица и ДУИ е причина што го опструираат и го блокираат новиот Изборен законик. Ваквиот нивен однос нема друго оправдување, затоа што консензусот помеѓу политичките партии за носењето на овој закон со месеци се градеше во работната група.

Изборниот законик е дел од Реформската агенда и наместо да седнат на маса со сите политички чинители и да се постигне договор за негово носење во македонското Собрание, СДС, ДУИ и Левица избраа да блокираат и како раштиман оркестар да создадат какофонија во јавноста. Откако во Левица увидоа дека рејтингот им се намалува и не им оди како што посакуваат, со непотпишувањето на договорот за носењето на ИЗ, се обидуваат пред своето членство да се покажат како тврдокорни кои не прават компромис.

СДС како добар препишувач, откако видоа дека Левица го блокира законот, смислија начин како да го блокираат ИЗ со поднесување на 10 илјади амандмани, со изговор дека гласањето на дијаспората по електронски пат бил недемократски и неевропски чин. И ДУИ, да не останат покуси, се приклучува на блокирање на овој реформски закон, со свој изговор и барање сите одлуки кои се носат во ДИК да бидат носени со консензус, наместо досегашниот мнозински модел.

Тоа што е заедничко за овие партии е тоа што сите се исплашени, а до некаде и убедени, дека на следните избори им следи дебакл и убедлив длабок пораз и сегашните нивни постапки, не се ништо друго, освен создавање алиби за изборниот дебакл.

Друго заедничко за истите овие партии е што и едните и други прстот го вперуваат во ВМРО-ДПМНЕ, како партијата да им е крива за тоа што граѓаните не гледаат опција во нив и не ги поддржуваат нивните политики. ВМРО-ДПМНЕ, повторно јасно и гласно кажува, неформалните опозициски коалициски партии нека седнат заедно и нека се договорат, тоа што тие ќе предложат, тоа ќе прифати, само начинот на остварување на правото на глас на дијаспората, да се олесни.

А, опозицијата, со ваквото однесување, докажува дека за нив важен е само партискиот интерес, не и иселениците и враќањето на македонските граѓани во сопствената татковина.

СДСМ: Изборниот законик уште една лага и манипулација на Мицкоски

Христијан Мицкоски и ВМРО-OКГ повторно се обидуваат да ја излажат јавноста. Овој пат преку Изборниот законик и прашањето за гласањето на дијаспората. Ние од СДСМ сме јасни: дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и дијапората гласа со постојниот модел. Ние не сме против тоа право. Ние сме против неконтролирано и неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба.

Зошто во Македонија граѓаните гласаат со отпечаток од прст, спреј, идентификација и строги контроли, а за дијаспората се предлага електронско гласање без никаква реална контрола? Дали тоа е демократски? Дали тоа е фер?

Мицкоски знае многу добро зошто го турка ова решение. ВМРО-ОКГ има историја на кражба на избори. Пред десетина години видовме како се крадеа гласови, како се организираа паралелни структури и како се користеа сите можни механизми за манипулација. За нив кражбата на пари и кражбата на гласови е исто и во едниот и во другиот случај станува збор за криминал. Сега, кога веќе не им поминуваат лажините афери и дефокуси, се обидуваат преку Изборниот законик да си обезбедат нов механизам за манипулација.

Електронското гласање без контрола или гласањето преку пошта без соодветни гаранции е исто така опасно. Разликата е само во методот. Но, најважно од сè е следново: Изборниот законик за Мицкоски не е цел, туку изговор. Тој и неговата криминална група не сакаат да го донесат овој закон за да имаат алиби зошто не ја исполнуваат Реформската агенда. Тие свесно го блокираат процесот за да можат да кажат дека „опозицијата не дозволува“. А вистината е дека тие не сакаат ЕУ.

Затоа што ЕУ значи независно судство, европско обвинителство и крај на неказнивоста. А токму тоа Мицкоски и неговата банда најмногу го плашат. Затоа и го влечат ова прашање. Затоа и не сакаат вистински консензус. Затоа и продолжуваат со манипулациите. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж, ниту со електронско гласање, ниту со гласање преку пошта без контрола. Нема да дозволиме некој да гласа наместо другите, ниту во Македонија, ниту од дијаспората.

Ќе продолжиме да се бориме за фер и демократски избори, за реформи и за европска Македонија. Сè друго е само продолжение на истата стара игра – игра на изолација, манипулација и заштита на криминалот.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Мицкоски повика, Единствена Македонија одговори: Пет точки што можат да ги сменат изборите

Единствена Македонија доставува пет конкретни предлози за измени на Изборниот законик, откако премиерот Христијан Мицкоски вчера ги повика опозициските партии да дадат свои предлози за подобрување на изборниот процес.

Првиот предлог на Единствена Македонија е воведување целосно електронско гласање дома и во странство. Партијата смета дека со ова би се олеснил пристапот до избирачкото право и би се зголемила излезноста, која според нив влијае врз легитимитетот на изборните резултати.

Вториот предлог се однесува на рамноправно државно финансирање на сите учесници во изборниот процес во рамки на 20-дневната изборна кампања. Од партијата реагираат дека актуелниот модел создава нерамноправни услови, бидејќи најголемите парламентарни партии добиваат значителни средства од буџетот, додека вонпарламентарните партии се исклучени од финансирањето.

„Со постојното решение, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН би добиле околу 800.000 евра, Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра, а Единствена Македонија како вонпарламентарна партија би била исклучена од државното финансирање, иако станува збор за средства на сите граѓани“, наведуваат од партијата.

Третиот предлог е забрана за предизборни коалиции, со образложение дека коалицирањето треба да се прави по изборите, откако граѓаните ќе ја оценат реалната поддршка за секоја политичка партија со што се елиминираат таканаречените „крлеж партии“ кои пред секои избори менуваат политички блокови единствено заради остварување на лични интереси на т.н. лидери на овие човек-партии.

Четвртиот предлог се однесува на еднаков третман на сите политички партии на избирачките места. Единствена Македонија бара претставниците на сите партии на 3.480 избирачки места да имаат исти права и услови. Според партијата, моментално само претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои се членови на избирачките одбори добиваат дневници на денот на изборите исплатени од државниот буџет, додека другите партии сами ги покриваат трошоците.

Како петта точка, партијата предлага една изборна единица со изборен праг од 5 проценти. Според нив, ова би обезбедило еднаква вредност на секој глас и подобро усогласување меѓу освоените гласови и пратеничките мандати.

Од Единствена Македонија порачуваат дека целта треба да биде создавање изборен систем кој ќе гарантира фер натпревар, еднакви можности за сите политички субјекти и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес.

Партијата очекува предлозите да бидат прифатени и вградени во новите измени на Изборниот законик.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This