НАДЕЖТА ТАРЕШЕ ДО 28 МИНУТА Хрватите со серија ја скршија Македонија на ЕП

Младите македонски ракометари беа конкурентни речиси цело прво полувреме, но падот во финишот ги чинеше нов пораз.

НАДЕЖТА ТАРЕШЕ ДО 28 МИНУТА Хрватите со серија ја скршија Македонија на ЕП
Фото: Принтскрин

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија до 20 години го забележа вториот пораз на Европскиот шампионат во Романија.

По вчерашниот неуспех против Норвешка (31-36), избраниците на селекторот Игор Илиевски денеска загубија и од Хрватска. Во натпреварот од второто коло во Д групата, младите македонски ракометари беа поразени со 34-29.

Македонија долго време беше рамноправен противник. Хрватска имаше постојана предност, но резултатот беше неизвесен сè до финишот на првото полувреме. Во 28. минута Хрватите водеа минимално со 15-14, но во последните две минути од првиот дел Македонија не успеа да постигне гол, додека противникот реализираше трипати и на пауза замина со предност од 19-14.

Во продолжението Хрватска ја задржа контролата над резултатот и стигна до првата победа на турнирот, додека Македонија остана без бодови по првите две кола.

Најефикасен во македонскиот состав беше Марко Каевски со седум постигнати голови, а Бобан Поповски додаде шест.

Со двата порази, Македонија ги намали шансите за пласман во главната фаза, каде ќе продолжат 12 најдобро пласирани селекции. Последната можност за подобар пласман останува во последниот меч од групата против Данска, кој е закажан за сабота од 13:30 часот.

CATEGORIES
Share This