ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ УВЕРУВА Ќе има одговорност за трагедијата во Кочани, без селективност

Во однос на евентуални притисоци или обиди за влијание врз истрагата, Коцевски истакна дека од нејзиниот почеток досега не се соочил со никакви закани или политички влијанија

ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ УВЕРУВА Ќе има одговорност за трагедијата во Кочани, без селективност

Истрагата за трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во исклучително чувствителна и значајна фаза, изјави денеска републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред почетокот на седницата на Советот за јавни обвинители. Тој истакна дека во моментот се сослушуваат сведоци и оштетени лица кои имаат сознанија за настанот, а истовремено се работи во координација со стручни лица.

На новинарско прашање дали е можно проширување на истрагата врз полициски службеници кои биле присутни во дискотеката во моментот на пожарот, Коцевски посочи дека тоа зависи исклучиво од доказите што ќе бидат обезбедени. Тој нагласи дека досега не постои никаква селективност во истрагата, ниту ќе има во иднина.

„Во Јавното обвинителство за организиран криминал се води постапка за 14 или 15 лица, за кои засега не се определени мерки притвор. Како што веќе напоменав, сѐ до завршување на истрагата, можно е проширување, но тоа зависи од доказите“, истакна Коцевски.

Според него, не се очекува пролонгирање на постапката, и покрај нејзиниот обем и бројот на инволвирани лица. Коцевски рече дека јавните обвинители работат со добра динамика и на терен во Кочани, како и во Скопје, што според него овозможува навремено завршување на процесот.

Во однос на евентуални притисоци или обиди за влијание врз истрагата, Коцевски истакна дека од нејзиниот почеток досега не се соочил со никакви закани или политички влијанија.

Ова прашање е веќе политички дискурс. Но, можам да потврдам дека немало никакви обиди за влијание или притисоци во текот на истрагата“, додаде тој.

Коцевски апелираше до сите граѓани кои имаат какви било информации во врска со настанот да ги споделат преку официјалната веб-страница на Обвинителството, гарантирајќи доверливост на податоците.

Во пожарот што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“, загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените беа хоспитализирани во земјава, додека некои беа пренесени на лекување во странство.

CATEGORIES
Share This