(ВИДЕО) ОБВИНЕТИОТ ЗА ЧЕТИРИ УБИСТВА НЕ СЕ ИЗЈАСНИ Судењето во Куманово одложено

Обвинетиот не се изјасни по обвинението, а судот одлучи да му биде назначен бранител по службена должност.

(ВИДЕО) ОБВИНЕТИОТ ЗА ЧЕТИРИ УБИСТВА НЕ СЕ ИЗЈАСНИ Судењето во Куманово одложено
Фото: Принтскрин

Основниот суд во Куманово го одложи почетокот на главната расправа против 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, кој е обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година. Рочиштето беше одложено откако обвинетиот не се изјасни по обвинението, а неговиот бранител го откажа полномошното. Судот одлучи на Бојковски да му биде назначен бранител по службена должност.

На почетокот на рочиштето, судијата Мирсад Суроји се обиде да ги утврди личните податоци на обвинетиот, но тој не одговараше на прашањата на судот. Според присутните во судницата, обвинетиот не комуницирал и гледал кон плафонот, по што била дадена кратка пауза. Јавното обвинителство Куманово, кое го застапува обвинението преку обвинителот Љубомир Лапе, најави дека во доказната постапка ќе презентира материјали со кои ќе се утврдуваат сите елементи на кривичните дела.

Според обвинението, Бојковски се товари за четири кривични дела убиство и два обида за убиство, сторени во селата Клечовце, Драгоманце, Челопек и Старо Нагоричане. Жртви, според обвинителството, биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.

Првото убиство, според обвинението, се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во Клечовце, второто во периодот од 5 до 7 јуни 2025 година во Драгоманце, додека останатите дела се однесуваат на напади во 2025 и 2026 година во Челопек и Старо Нагоричане.

Во воведниот збор, обвинителството наведе дека преку судско-психијатриско вештачење и други докази ќе се утврдуваат мотивите за извршувањето на делата. Одбраната побара сослушување на двајца сведоци. За делата кои му се ставаат на товар, а кои се квалификувани согласно член 123 од Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

CATEGORIES
Share This