НЕМА МЕСТО ЗА ПОДЕЛБИ – СДСМ ги повика критичарите на дебата и најави офанзива против власта

Извршниот одбор порача дека партијата мора да се обедини, а сите несогласувања да се решаваат внатре во партиските структури.

НЕМА МЕСТО ЗА ПОДЕЛБИ – СДСМ ги повика критичарите на дебата и најави офанзива против власта
Фото: Принтскрин

СДСМ по седницата на Извршниот одбор соопшти дека главни теми на разговор биле актуелната политичка и економска состојба во државата.

Од партијата изразија загриженост поради, како што велат, влошениот животен стандард на граѓаните и состојбата со јавните финансии. Според СДСМ, Владата на Мицкоски создава нови долгови, а ребалансот на Буџетот дополнително ја усложнува финансиската состојба. Опозициската партија најави дека ќе продолжи со критики кон владините економски политики и, како што наведуваат, ќе се спротивставува на „погрешните и криминални политики“ во интерес на граѓаните и државата.

На седницата било оценето дека сите прашања поврзани со иднината и работата на СДСМ треба да се решаваат внатре во партијата, преку органите и телата, а не преку јавни настапи и иницијативи надвор од неа. Во таа насока, Извршниот одбор упати повик до сите поединци и групи кои имаат критики или предлози да учествуваат во внатрепартиска дебата.

„Вратите на СДСМ се отворени за секој што ѝ мисли добро на партијата и што ги споделува прогресивните вредности“, порачаа од партијата.

Тие додаваат дека решенијата треба да се бараат преку дијалог и соочување на аргументите. Од СДСМ нагласија дека партијата се подготвува за, како што велат, силна и организирана политичка борба против политиките на власта, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека ја носи државата кон изолација и граѓаните кон поголема сиромаштија.

Партијата испрати порака до членството и симпатизерите дека нема простор за поделби и внатрешни конфликти, оценувајќи дека единството е клучно во овој период.

„Разликите во мислењата се наша предност, но целта мора да остане заедничка – фронт за вистина и правда“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија порачаа дека следува период на мобилизација и активна политичка борба за, како што наведуваат, заштита на иднината на државата.

CATEGORIES
Share This