ТРГНУВАТЕ НА ПАТ – АМСМ со важно предупредување за возачите низ Македонија
Зголемена е фреквенцијата на сообраќајот надвор од градовите, коловозите се наместа влажни, а АМСМ предупредува на можни одрони на повеќе патни правци.

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено, по наместа влажни коловози, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, но на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците каде постои можност од појава на одрони. Такви се патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Во сила е и летниот режим на сообраќај за тешките товарни возила. Од 1 јули до 31 август е забрането движење на товарни возила со вкупна маса над 15 тони во следните термини:
- петок од 17:00 до 22:00 часот;
- сабота од 09:00 до 18:00 часот;
- недела од 09:00 до 22:00 часот.
Доколку Министерството за здравство прогласи денови со екстремно високи температури, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и на возила ангажирани на проекти за изградба и одржување на државните патишта.


