БУРА ВО БИХАЧКА Денес е денот Д за Филипче, Петровска и иднината на СДСМ
Исклучување, соочување или смирување на страстите - Извршниот одбор на СДСМ ќе одлучува за најголемата внатрепартиска криза по изборниот пораз.

Денеска (8 јули) с еочекува внатрепартиската пресметка во СДСМ да биде главна тема на седницата на Извршниот одбор. Прашањето е дали претседателот на партијата Венко Филипче ќе продолжи со острата реторика кон учесниците на трибината „12:05“ или ќе се обиде да ја намали тензијата и да спречи дополнително продлабочување на поделбите.
Филипче и раководството на СДСМ во изминатите денови ги обвинија учесниците на иницијативата дека работат во корист на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски. Од другата страна, дел од учесниците на трибината возвратија со обвинувања дека токму актуелното партиско раководство, предводено од Филипче, ѝ помага на власта со својата политика и слабата опозициска позиција.
Според информации на Национал се разгледуваат неколку можни сценарија поврзани со пратеничката Славјанка Петровска и другите учесници во иницијативата. Еден дел од најблиските соработници на Филипче очекуваат можност за постапка за нивно исклучување, слично на најавите што претходно беа упатувани кон поранешни функционери како Петре Шилегов и Јован Деспотовски, но кои не беа реализирани.
Сепак, самиот Филипче јавно порача дека не размислува за исклучувања. Како можни опции се споменуваат и покана до Петровска и останатите учесници да дадат отчет пред партиските органи за нивните активности, но и варијанта лидерот на СДСМ да повика на смирување на страстите и прекин на јавните препукувања.
„Ова отиде предалеку и треба да се спушти топката. Нашиот политички противник е Владата предводена од Христијан Мицкоски, а ваквото однесување од двете страни може да доведе само до дополнителни поделби во партијата. Но, тоа не значи дека ќе дозволиме роварење низ партиските органи и општинските организации“, изјави за Нционал лице блиско до врвот на СДСМ.
Од друга страна, во партијата постојат и порадикални ставови. Дел од функционерите сметаат дека Филипче треба целосно да расчисти со таканаречените „реформатори“, за кои тврдат дека ја поткопуваат СДСМ одвнатре. СДСМ изнесе остри квалификации кон иницијаторите на платформата.
„Учесниците во оваа иницијатива – дел од старата и новата УДБА, луѓе кои ја доведоа партијата до историски најниска поддршка и кои сега соработуваат со ЗНАМ и други партии не се реформатори. Тие се политички опортунисти кои, откако не успеаја да ја урнат СДСМ одвнатре, сега се обидуваат тоа да го направат однадвор“, соопштија од партијата.
Петровска, откако беше јавно прозвана заедно со Игор Ивановски и Андреј Петров како дел од одговорните за последните изборни порази, му одговори на партиското раководство. Таа порача дека нејзината цел не е борба против СДСМ, туку промена во партијата.
„На конгресот, пред присутните делегати, јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме. Предложив ветинг на пратениците и раководството на партијата, но немаше одговор. Предложив промена на статутот за враќање на моќта на одлучување кај членството, но и тоа остана без одговор. Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ“, напиша Петровска.
Игор Ивановски и Андреј Петров, како дел од иницијаторите на платформата, во повеќе јавни настапи оценија дека Венко Филипче нема политички капацитет да ја води партијата, а упатија и обвинувања дека постои впечаток за договор меѓу Филипче и Мицкоски. Од трибината „12:05“, на која учествуваат поранешни функционери на СДСМ, актуелни и поранешни пратеници, адвокати и универзитетски професори, порачаа дека Македонија се соочува со неефикасна власт, но и со, како што велат, виртуелна опозиција.
Средбата на Извршниот одбор во среда може да биде клучен момент за идниот курс на СДСМ и дали партијата ќе влезе во нова внатрешна пресметка или ќе се обиде да ја затвори кризата преку дијалог.


