ИРАН ИСПРАТИ ПОРАКА ЗА ОДМАЗДА Следната цел е ослободување на Ерусалим

Претседателот на иранскиот парламент Калибаф порача дека одговорните за нападите врз Иран ќе бидат казнети, а конечната победа ја поврза со Ерусалим.

ИРАН ИСПРАТИ ПОРАКА ЗА ОДМАЗДА Следната цел е ослободување на Ерусалим
Фото: Принтскрин

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, по масовната погребна поворка за починатиот врховен лидер на Исламската револуција, Али Хамнеи, испрати порака дека, како што наведе, одговорните за нападите врз Иран ќе бидат казнети. Калибаф им се заблагодари на граѓаните за масовното присуство на комеморациите, оценувајќи дека нивното учество покажало единство и духовна сила во, како што го нарече, клучен момент за земјата.

„Оние кои извршија агресија на територијата на Иран и се одговорни за убиствата на иранските маченици ќе бидат казнети за своите постапки“, порача тој, според иранската државна агенција Ирна.

Тој додаде дека конечниот чин на одмазда против „арогантните сили“, како што ги нарече противниците на Иран, ќе биде постигнат преку „ослободувањето на Светиот Кудс (Ерусалим)“. Според Калибаф, иранскиот народ со своето учество во последните месеци ја покажал својата поддршка за револуцијата и барањето за одговор кон оние кои, според властите, се одговорни за смртта на Хамнеи.

По вчерашната повеќечасовна церемонија во Техеран, на која иранските власти тврдат дека присуствувале милиони луѓе, останките на Хамнеи биле пренесени во Ком, каде што граѓани се собрале во џамијата Џамкаран за да му оддадат последна почит. Комеморациите, според најавите од Техеран, ќе продолжат и во ирачките свети градови Наџаф и Кербала, а погребот на Хамнеи е планиран за четврток во светилиштето на имамот Реза во Машхад.

CATEGORIES
Share This