ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ АМАНДМАНИ ГО ЗАКОЧИЈА ЗАКОНИКОТ Но се појави нов предлог за дијаспората
Партиите продолжуваат со преговори, а главниот спор останува околу начинот на гласање на македонските граѓани во странство.

Во Собранието продолжуваат разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи со цел да се постигне договор за измените на Изборниот законик и да се деблокира собраниската постапка.
Најголемата разлика меѓу партиите и понатаму се однесува на начинот на гласање на македонските граѓани во дијаспората. Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат електронското гласање да биде заменето со гласање по пошта, а начинот на спроведување дополнително да биде регулиран преку подзаконски акт што би го донела Државната изборна комисија до 30 септември 2028 година. Од партијата велат дека се отворени и за разговори за модел со една изборна единица.
Измените на Изборниот законик веќе се во собраниска процедура, но СДСМ поднесе околу 10.000 амандмани, што го забави процесот. Од СДСМ посочуваат дека го поддржуваат правото на глас на дијаспората, но имаат резерви кон електронското гласање поради прашањата поврзани со безбедноста, транспарентноста и заштитата на изборниот процес.
Во досегашните разговори партиите постигнале начелна согласност за распределбата на државните средства за изборните кампањи. Според предлогот, 97 проценти од средствата би се делеле според бројот на освоени пратенички мандати, додека останатите три проценти би биле наменети за партии и групи избирачи без свои претставници во Собранието.
Доколку биде постигнат конечен политички договор, СДСМ најавува повлекување на амандманите, што би овозможило продолжување на процесот и усвојување на измените. Новиот Изборен законик е дел од реформските обврски што земјата треба да ги реализира.


