МВР СО ГОЛЕМА ОБЈАВА Драстичен пад на криминалот
Министерството тврди дека во изминатите две години се постигнати значајни резултати во борбата против криминалот, со стотици акции и илјадници откриени дела.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во изминатите две години е забележано значително намалување на криминалитетот во земјата, како резултат на, како што наведуваат, професионална и неселективна работа на полициските служби.
Според податоците на МВР, вкупниот криминалитет е намален за 30 проценти, а ефикасноста во откривањето на кривични дела и нивните сторители достигнала 69 проценти. Од ресорот информираат и дека во борбата против организираниот криминал се разбиени повеќе од 30 криминални групи, додека бројот на откриени групи поврзани со корупција е зголемен за 50 проценти.
Во акциите против трговијата со дрога, полицијата открила над 1.600 кривични дела и поднела пријави против околу 1.900 лица. Запленети биле 6,2 тони наркотични средства, а биле спречени и девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин. Од МВР посочуваат дека заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти.
Намалување има и кај имотниот криминал, кој е понизок за над 30 проценти, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за повеќе од 40 проценти.
Од Министерството велат дека овие бројки претставуваат конкретни резултати во насока на поголема безбедност на граѓаните и додаваат дека полицијата ќе продолжи со засилени активности против сите форми на криминал.
„Безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет, а силните институции се основа за сигурна држава“, порачаа од МВР.


