ТАЈНА ИСТРАГА Под лупа 20 канали, МВР и АНБ проверуваат ширење омраза и врски со организации
Се проверуваат и можни финансиски извори и поврзаност со организации.

Околу 20 комуникациски канали, меѓу кои веб-портали и профили на Фејсбук и Инстаграм, се предмет на истрага што ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Според информациите, истрагата се води по сомневања дека овие канали биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија.
Изворите наведуваат дека истражните органи веќе обезбедиле дел од доказниот материјал, но дека активностите сè уште се во тек. Во фокусот на проверките се повеќе објави од изминатиот период, вклучително и содржини поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и други провокативни материјали за кои постојат сомневања дека имале цел да поттикнат меѓусебни навреди, омраза и заострување на јавната дебата меѓу македонски и бугарски граѓани.
Според истите извори, се испитува и начинот на финансирање на дел од активностите, како и евентуални врски со организации и здруженија, но засега без дополнителни детали, бидејќи постапката е во тек. Во периодот што измина, прашањата поврзани со македонско-бугарските односи повторно предизвикаа засилени јавни реакции, вклучително и политички изјави и реакции од европратеници, додека на социјалните мрежи се забележува зголемено присуство на содржини со провокативна и навредлива реторика.
Од МВР и АНБ засега нема официјална потврда за случајот. Повеќе информации се очекуваат по завршување на истражните дејствија и евентуалното процесуирање на предметот.


