ЉУТКОВ РАСКРИ Проблемот не е од вчера, вистината за законот за јазик шокира
Министерот тврди дека нефункционалната примена не започнала со оваа Влада.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Собранието на РСМ, на надзорната расправа на тема „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, истакна дека спроведувањето на овој закон претставува обврска на сите институции и дека неговата доследна примена не смее да се користи за дневнополитички пресметки.
Тој нагласи дека Законот е донесен со широк парламентарен консензус на почетокот на 2024 година, а дека тој ја презел функцијата министер неколку месеци подоцна, во период кога Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик сè уште не бил воспоставен, ниту биле создадени услови за негово оперативно функционирање.
„Недоследната и нефункционална примена на Законот не започнала со оваа Влада. Таа е резултат на долготрајно отсуство на системски пристап, институционална инерција и недоволна политичка волја. Затоа, денес треба да говориме со факти, а не со политички квалификации“, изјави Љутков.
Министерот посочи дека во изминатиот период е формиран Советот за македонски јазик, започната е изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, а лекторските испити се спроведуваат континуирано. Дополнително, за првпат е воспоставен Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, во кој веќе се ангажирани инспектори кои поминуваат обука.
Љутков информираше и дека Владата ги задолжила институциите да обезбедат доследно почитување на законските обврски во однос на ангажирањето лектори, а собраните податоци ќе бидат основа за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик.
Осврнувајќи се на афирмацијата на македонскиот јазик во странство, министерот истакна дека во моментов функционираат 12 лекторати по македонски јазик во 11 држави, а во последните три години се отворени нови во Тирана, Нитра и Неапол.
„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со функционални институции, со доследна примена на законите и со држава што ги исполнува своите обврски“, порача министерот Љутков.


