ФУДБАЛСКИ ТРИЛЕР НА ДВЕ СТРАНИ ОД СВЕТОТ Фаворитите на работ на пропаст
Два осминафинални спектакли на Мундијалот во Њу Џерси и Мексико Сити.

Денеска на програмата се два дуели од осминафиналето на Мундијалот, кои најавуваат вистински фудбалски спектакли.
Во првиот натпревар во Њу Џерси, Бразил ќе се соочи со Норвешка на Ерлинг Халанд. „Селесао“ со многу мака ја совлада Јапонија (2-1), дури во завршницата, а тренерот Карло Анчелоти има сериозни главоболки со составот. Рафиња е речиси отпишан, додека Лукас Пакета и Каземиро се под знак прашалник. Сепак, главната офанзивна надеж останува Винисиус Жуниор, кој блеска со четири гола и една асистенција.
Норвешка влегува со самодоверба и интересен податок и никогаш не загубила од Бразил во претходните четири меѓусебни дуели. Тимот е предводен од Халанд, кој веќе има пет погодоци, а значајна улога имаат и Мартин Едегор и Сандер Берге. Дилема постои околу настапот на Џулијан Рајерсон, кој се опоравува од повреда на бутот. Се очекува неизвесен и квалитетен дуел без јасен фаворит.
Во Мексико Сити, на легендарниот „Ацтека“, домаќинот Мексико ќе се обиде да ја продолжи одличната серија против Англија. Мексиканците се во форма со четири победи и без примен гол, а предводени се од Хулијан Куњонес и 17-годишниот талент Гилберто Мора. Тренерот Хавиер Агире нема проблеми со составот и силно се потпира на предноста на домашниот терен и надморската височина.
Англија, предводена од Томас Тухел, со тешкотии го мина Конго (2-1), со голови на Хари Кејн. Составот има проблеми со повреди, особено кај Џејмс и Кванса, додека Деклан Рајс и покрај заморот останува клучен играч. Во нападот Тухел сè уште бара идеално решение меѓу Сака, Гордон и Рашфорд, кој засега не ги оправдува очекувањата. Притисокот врз Англичаните е голем, а целта е јасна – само титулата се смета за успех.
ЊУ ЏЕРСИ 22.00 часот, Бразил – Норвешка
МЕКСИКО СИТИ 02:00 часот, Мексико -Англија


