ПОЧНУВА ВИСТИНСКИОТ МУНДИЈАЛ Франција тргнува по нова жртва, а Парагвај сонува ново чудо

Осминафиналето започнува со дуелите Канада – Мароко и Франција – Парагвај, а секоја грешка од вечерва може да значи крај на мундијалскиот сон.

ПОЧНУВА ВИСТИНСКИОТ МУНДИЈАЛ Франција тргнува по нова жртва, а Парагвај сонува ново чудо
Фото: Принтскрин

По комплетирањето на шеснаесетфиналните пресметки, Светското првенство влегува во највозбудливата фаза. Од вечерва започнуваат осминафиналните дуели, каде што веќе нема простор за грешки, а секој натпревар носи борба за место меѓу осумте најдобри.

На програмата се два исклучително интересни натпревари – Канада ќе се соочи со Мароко, додека Франција ќе ги одмери силите со Парагвај.

Канада обезбеди историски пласман во осминафиналето благодарение на драматичната победа од 1:0 над Јужна Африка, со погодокот на Стефан Еустакио во судиското продолжение. Селекторот Џеси Марш очекува поголем придонес од Алфонсо Дејвис, кој се враќа по повредата, додека Исмаел Коне останува надвор од комбинација. Од другата страна, Мароко ја елиминираше Холандија по подобро изведување пенали и во осминафиналето влегува со серија од девет натпревари без пораз. Селекторот Мохамед Уаби ги има на располагање сите важни играчи, вклучувајќи ги Чади Риад и Исмаел Саибари, па африканската селекција важи за благ фаворит. Сепак, агресивниот пресинг и дисциплинираната игра на Канаѓаните ветуваат неизвесен натпревар.

Натпреварот меѓу Канада и Мароко се игра во Хјустон со почеток во 19:00 часот.

Во вториот меч од вечерта, Франција ќе се соочи со Парагвај во Филаделфија. Парагвај приреди едно од најголемите изненадувања во досегашниот тек на шампионатот, елиминирајќи ја Германија по пенали (1:1, 4:3). Селекторот Густаво Алфаро повторно нема да може да смета на повредениот Омар Алдерете, но враќањето на Диего Гомез по суспензијата претставува значително засилување, додека Хулио Енсисо ќе биде главната закана во нападот. Франција, пак, демонстрира шампионска форма. „Триколорите“ имаат максимален учинок и со 13 постигнати голови се најефикасната репрезентација на турнирот. Единствената неизвесност е настапот на Маркус Турам, додека напаѓачката линија предводена од Усман Дембеле, Мајкл Олисе, Бредли Баркола и Килијан Мбапе е подготвена да ја продолжи одличната серија. Иако Парагвај веќе покажа дека знае да приреди сензација, Франција е голем фаворит за пласман во четвртфиналето. Сепак, нокаут-фазата на Светското првенство секогаш носи можност за нови изненадувања.

Натпреварот меѓу Франција и Парагвај се игра во Филаделфија со почеток во 23:00 часот.

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ФИНИШИРА Почнува најжешката фаза на турнирот

CATEGORIES
Share This