CINEPLEXX ОТВОРА ВРАТИ БЕЗ БИЛЕТИ Секој понеделник изненадување
Секој понеделник во јули и август – филмови без билет, по принцип „прв дојден, прв услужен“.

Агенцијата за филм и Cineplexx го продолжуваат проектот „Македонски филм. На големо платно.“, кој и ова лето носи богата програма со бесплатни проекции на домашни филмови.
Во текот на јули и август, секој понеделник од 19:00 часот, публиката во Cineplexx ќе има можност да гледа внимателно селектирана програма која вклучува долгометражни, омнибус, кратки играни и анимирани филмови. Влезот е бесплатен и се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, без потреба од претходна резервација.
Јулската програма започнува на 6 јули со омнибусот „Скопје ремикс“, а продолжува на 13 јули со „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски. На 20 јули следува блок од кратки анимирани филмови („Девојката што паѓа“, „Образец Б16“, „Неми филмови“, „Кружно патување на Марето“ и „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“), додека месецот завршува со проекцијата на „Мими“ на 27 јули, во режија на Дарјан Пејовски.
Во август ќе се прикажат „Деца на сонцето“ (Антонио Митриќески, 3 август), „Незаборавна пролет во едно заборавено село“ (Куштрим Бектеши, 10 август), како и блок од кратки играни филмови („Еклер“, „Синиот час“, „Награда“ и „Имиња“) на 17 август. Програмата продолжува со „Кога денот немаше име“ (Теона Стругар Митевска, 24 август) и завршува со „Трето полувреме“ (Дарко Митревски, 31 август).
Од Агенцијата за филм порачуваат дека проектот претставува важна можност публиката бесплатно да ги гледа македонските филмови на големо платно, со цел доближување на домашната кинематографија до пошироката публика и поттикнување на филмската култура.


