КРЕМЉ СЕ ЈАВИ Честитка од Путин до Трамп
Путин зборува за „посебна одговорност“ на двете најмоќни нуклеарни сили.

Рускиот претседател Владимир Путин упати честитка до американскиот претседател Доналд Трамп по повод 250-годишнината од независноста на САД, со порака дека двете земји, како најголеми нуклеарни сили, имаат посебна одговорност за глобалната безбедност.
Во телеграмата објавена на веб-страницата на Кремљ, Путин наведува дека потпишувањето на Декларацијата за независност претставувало клучен историски момент, не само за САД, туку и за светската историја. Тој потсети и дека Русија во тој период ги поддржувала северноамериканските колонии во нивната борба против британската власт.
Путин нагласи дека воспоставувањето конструктивни и рамноправни односи меѓу Москва и Вашингтон е во интерес не само на двете држави, туку и на глобалната заедница.
Честитка испрати и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој истакна дека двете земји можат да водат искрен дијалог и да постигнат заеднички решенија за сложени светски и регионални прашања. Тој на американскиот народ му посака мир, просперитет и доследно остварување на принципите од Декларацијата за независност.


