НОВА ДРАМА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Тајни предупредувања од САД, мета на Мосад биле Аракчи и Калибаф

„Њујорк тајмс“ тврди дека Вашингтон испратил предупредување до Техеран поради страв од израелски напад.

НОВА ДРАМА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Тајни предупредувања од САД, мета на Мосад биле Аракчи и Калибаф
Фото: Принтскрин

Американски претставници индиректно ги предупредиле иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и претседателот на парламентот Мохамед Багер Калибаф дека Израел можел да се обиде да ги ликвидира за време на преговорите со Вашингтон за завршување на војната, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори од американската администрација.

Според весникот, дел од американските претставници оцениле дека Израел планирал да ги таргетира двајцата високи ирански функционери во периодот по примирјето од 8 април, со кое биле прекинати борбите во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Поради тие сомнежи, Вашингтон побарал од регионални партнери да испратат предупредување до Техеран за можни обиди за нивна елиминација.

„Њујорк тајмс“ наведува дека за време на почетокот на војната на 28 февруари, кога Израел спроведувал операции во кои биле убиени повеќе високи ирански претставници, Аракчи и Калибаф исто така можеле да бидат цел на напади. Сепак, по воспоставувањето примирје и нивното вклучување во преговорите, американските проценки биле дека евентуална нивна ликвидација речиси сигурно би ги урнала преговорите и би предизвикала нова ескалација на конфликтот.

Весникот додава дека конкретната закана за Калибаф се појавила додека се враќал од Исламабад, каде на 12 април разговарал со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс. Според американски извори, иранските безбедносни служби го известиле екипажот дека Израел добил информации за можен напад врз авионот, при што два израелски борбени авиони наводно навлегле во иранскиот воздушен простор од правец на Ирак. Авионот итно слетал во Машхад, по што Калибаф и делегацијата го продолжиле патувањето кон Техеран по копно.

Во меѓувреме, „Ројтерс“ во март објави дека израелските власти, наводно по барање од Пакистан, ги отстраниле Аракчи и Калибаф од листата за елиминација. Според тогашни наводи, Исламабад предупредил дека нивното убиство би значело и крај на преговарачкиот процес, бидејќи не би останале соговорници за мировни разговори.

CATEGORIES
TAGS
Share This