ЌЕ СЕ ОДИ ЛИ ПОДОЦНА ВО ПЕНЗИЈА Владата откри што се разгледува, министерката со јасна порака

ММФ и Светска банка ќе ја анализираат одржливоста на пензискиот систем, а Владата уверува дека засега нема одлука за зголемување на старосната граница за пензионирање.

ЌЕ СЕ ОДИ ЛИ ПОДОЦНА ВО ПЕНЗИЈА Владата откри што се разгледува, министерката со јасна порака
Фото: Принтскрин

Прашањето за реформи во пензискиот систем повторно е актуелно, откако Владата им даде зелено светло на ММФ и на Светска банка да изработат анализа за состојбата во пензискиот фонд и да предложат можни решенија.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска нагласи дека не е донесена никаква одлука за зголемување на старосната граница за пензионирање, туку дека сè уште се чекаат препораките од меѓународните институции. Таа истакна дека Владата не е обврзана автоматски да ги прифати нивните предлози.

Според министерката, една од можните препораки би можела да биде повисока старосна граница, но таа лично се залага за флексибилен модел, со можност граѓаните сами да изберат дали ќе продолжат да работат или ќе се пензионираат според важечките правила.

Како најголем предизвик за пензискиот систем го посочи стареењето на населението и намалувањето на бројот на работоспособни граѓани, што, според неа, претставува долгорочен ризик за одржливоста на фондот.

За 2026 година во буџетот се предвидени 19,6 милијарди денари за трансфер кон вториот пензиски столб, а анализите ќе го опфатат функционирањето и на двата пензиски столба.

Министерката оцени дека јавните финансии се стабилизирани, јавниот долг е намален на 58,9 проценти од БДП, а Владата останува фокусирана на фискална дисциплина, економски раст и усогласување на реформите со европските стандарди.

CATEGORIES
TAGS
Share This