АМСМ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СИТЕ ВОЗАЧИ Внимавајте на овие патишта, во сила се и летните забрани
Сообраќајот се одвива непречено, но по влажни коловози, а на граничните премини нема подолги задржувања.

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија утрово (2 јули) се одвива непречено, но по влажни коловози, информираат од АМСМ. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
АМСМ апелира возачите да управуваат внимателно, да ја прилагодат брзината на условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сообраќај за сите возила со маса до 3,5 тони.
Од 1 јули до 31 август важи летниот режим на сообраќај, со кој е забрането движење на товарни возила потешки од 15 тони во следните термини: петок 17:00 – 22:00 часот, сабота 09:00 – 18:00 часот и недела 09:00 – 22:00 часот.
Во денови со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ограничувањето не важи за возила кои превезуваат животни, леснорасиплива стока, хуманитарна помош, гориво, опасни материи и други категории наведени во законските прописи.
Дополнително, на магистралниот пат Скопје – Охрид (А2) до 1 септември останува во сила посебен режим за товарни возила над 7,5 тони, со викенд-ограничувања воведени поради зголемениот туристички сообраќај кон Охрид.
АМСМ потсетува дека на повеќе делници низ државата се изведуваат градежни активности и важат времени режими на сообраќај, меѓу кои санација на мостовите на делницата Гостивар – Стража; санација на мостовите кај Желино на автопатот А2; работи на интерконективниот гасовод на делницата Смоквица – Гевгелија; рехабилитација на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово; санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост и времен режим на сообраќај на делницата Прилеп – Битола поради изградба на Коридорот 10Д.
Од АМСМ апелираат сите учесници во сообраќајот внимателно да ја следат поставената сигнализација и да ги почитуваат времените режими на движење на патиштата каде се изведуваат градежни работи.


