ТАЈНАТА СРЕДБА ВО 12:05 ШТО ЈА ПОТРЕСЕ СДСМ Познати имиња разговараат за политичката иднина на Македонија
Поранешни функционери, актуелни политичари и граѓански активисти на затворена дебата; организаторите тврдат дека не се создава нова партија, туку нова политичка визија.

Денеска, среда во 12:05 часот ќе се одржи трибината „Разговори за иднината во 12.05“, на која се очекува да присуствуваат повеќе актуелни и поранешни функционери, интелектуалци и граѓански активисти. Средбата, која организаторите ја опишуваат како платформа за отворена дискусија за иднината на државата и политичките процеси, веќе предизвика реакции во јавноста и шпекулации за можни нови политички иницијативи.
Меѓу имињата кои се поврзуваат со дебатата се поранешните функционери на СДСМ Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Гергиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев и Александар Бајдевски. Модератор на средбата ќе биде универзитетскиот професор и поранешен функционер на СДСМ, Игор Ивановски.
Според информациите објавени во јавноста, на затворената сесија се поканети околу дваесетина личности меѓу нив претседател на партија од коалицијата на СДСМ, актуелни и поранешни пратеници, градоначалници, кандидати од локални избори и внатрепартиски избори во СДСМ, основачи на партијата, како и граѓански активисти.
Организаторите велат дека средбата ќе се одржи според принципот „Chatham House Rule“, што значи дека учесниците можат слободно да ги изнесат своите ставови, без нивните изјави да бидат јавно припишани. Тие додаваат дека целта е искрена анализа на состојбите во државата и отворање простор за нови идеи.
„Експлицитно демантираме дека овој процес е вовед во формирање нова партија која би била конкуренција на СДСМ. На Македонија не ѝ се потребни нови НСДП или ЗНАМ, туку здрав фундамент со нови вредносни принципи во политиката, наспроти клиентелизмот“, велат извори од организаторите.
Според нив, фокусот е насочен кон прогресивната и демократска јавност, како во опозициските партии, така и надвор од нив, која бара нова и кредибилна политичка понуда.
Најавената дебата веќе предизвика реакции од дел од актуелното раководство на СДСМ. Кристијан Дојчиновски обвини дека зад иницијативата стои премиерот Христијан Мицкоски, со цел, како што тврди, дополнително фрагментирање на опозицијата.
„Ова не е отворена дебата за иднината на Македонија, туку обид за создавање повеќе опозициски блокови и разбивање на гласовите“, изјави Дојчиновски.
Од организаторите ги отфрлаат ваквите обвинувања и велат дека средбата не е насочена против ниту една политичка партија, туку има за цел да отвори поширока општествена дискусија. Во поканата за настанот се наведуваат теми како иднината на државата и нејзиниот развој, владеењето на правото, отпорноста на институциите, политичкиот плурализам, состојбата на опозицијата и лекциите од политичкото минато.
Главните прашања околу кои ќе се води дебатата се дали општествената апатија може да се претвори во нова политичка енергија и дали во Македонија постои простор за нов општествен договор.


