ПОЧНА ТРИДНЕВНОТО ПРИМИРЈЕ ВО УКРАИНА: Сомнежи и обвинувања и покрај мирното небо
Тридневното примирје во Украина, кое еднострано го прогласи рускиот претседател Владимир Путин, стапи во сила утрово, а небото над големите украински градови за првпат по неколку ноќи е мирно. Сепак, состојбата на фронтот останува напната.

Иако воената активност во воздух значително опадна — украинските воздушни сили потврдија дека не се забележани руски проектили и дронови откако почна примирјето — на земјата се водат интензивни борби. Според украинскиот воен штаб, руските трупи продолжиле со напади на неколку локации долж источниот фронт, а северниот регион Суми бил бомбардиран трипати од руски авиони.
Примирјето се совпаѓа со 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, што Русија утре ќе ја одбележи со традиционална воена парада на Црвениот плоштад. Настанот ќе биде одбележан со присуство на 29 странски лидери, меѓу кои и претседателите на Кина, Бразил, Куба, Венецуела и Србија. Од Европската Унија ќе присуствува само словачкиот премиер Роберт Фицо.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, примирјето го нарече „манипулација и театар“, нагласувајќи дека тоа не ја одразува реалната намера на Кремљ за прекин на огнот. Украина побара 30-дневен прекин на непријателствата, но досега нема потврда дали ќе го почитува сегашното тридневно примирје. Зеленски дури предупреди дека не може да се гарантира безбедноста на странските делегации кои ќе присуствуваат на парадата во Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, пак, увери дека „специјалните служби и армијата преземаат сите неопходни мерки за прославата да се одвива во стабилна и мирна атмосфера“.
Развојот на ситуацијата ќе биде внимателно следен, особено со оглед на можноста од нови напади или провокации во периодот на примирјето.


