КАМИОНЏИИТЕ И ДАДОА РОК НА ЕУ До 10 август решение или блокади на границите
Македонските, српските, црногорските и босанските превозници бараат професионалните возачи да бидат изземени од правилото 90/180.

Европска комисија има рок до 10 август да понуди решение за проблемот со професионалните возачи на камиони од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои се соочуваат со ограничувањата на престојот во Шенген-зоната.
Според актуелното правило, државјаните на земји надвор од Шенген можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од шест месеци. Професионалните возачи, иако влегуваат во Европската Унија поради работа, се третираат на ист начин како туристите, што, според превозниците, сериозно го отежнува нормалното извршување на нивните обврски.
Претставниците на транспортните здруженија од четирите земји предупредуваат дека рокот се приближува и дека сè поголем број возачи ќе го достигнат дозволениот лимит, со ризик од забрани за влез и други санкции. На состанокот на превозниците било оценето дека 90 дена за професионалните возачи се недоволни и дека треба да им се овозможи престој од најмалку 130 дена во рамки на 180 дена.
„Возачите на камиони треба да бидат препознаени како посебна професионална група која работи на територијата на ЕУ со соодветни лиценци и договори со компании. Тие не се туристи и не претставуваат безбедносен ризик“, изјави претставникот на македонските транспортери, Роберт Крстески.
Претседателот на Здружението на транспортери на Црна Гора, Ѓорѓе Љешњак, посочи дека проблемот со правилото 90/180 е заеднички за сите четири држави и дека потребно е трајно законско решение.
„ЕУ веќе ги признава возачите како посебна група луѓе кои извршуваат професионална дејност на нејзиниот пазар. Затоа треба да бидат изземени од правилото 90/180 или да им се обезбеди доволен број денови за непречена работа“, рече Љешњак.
Превозниците нагласуваат дека возачите кои биле контролирани најчесто биле пронајдени во своите камиони, на паркинзи или бензински станици наменети за професионални возачи, а не дека престојувале во ЕУ како туристи или работеле нелегално.
„Речиси четири месеци сме во неизвесност. 10 август е денот до кога очекуваме решение. Ако нема напредок, ќе одлучиме за следните чекори“, порача Љешњак.
Четирите земји ќе испратат заедничко писмо до Европската комисија со барање за привремено решение што би им овозможило на возачите непречено да работат додека се подготви траен модел.
Во меѓувреме, на возачите им се советува при патување да ја носат возачката дозвола и договорот за работа, со кои можат да докажат дека престојуваат во ЕУ по службена должност.
Доколку до 10 август не биде постигнат договор, превозниците најавуваат можни протести и блокади на границите. Тие предупредуваат дека таквите мерки би имале последици и за регионот и за Европската Унија, бидејќи голем дел од снабдувањето со стока зависи од редовниот патен транспорт.
„Најлошото сценарио би било блокирање на границите. Се надеваме дека нема да дојде до тоа“, изјави претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ.


