АМЕРИКАНСКАТА ВОЈСКА ВЛЕЗЕ ВО ВЕНЕЦУЕЛА Над 900 војници на терен, Вашингтон открива зошто се таму
Вашингтон тврди дека мисијата е исклучиво хуманитарна и американските сили помагаат во спасувачките операции и доставата на помош по разорните земјотреси.

Повеќе од 900 американски воени лица се распоредени во Венецуела за да им помогнат на локалните власти во справувањето со последиците од катастрофалните земјотреси што ја погодија земјата минатата недела, соопшти командантот на Јужната команда на САД, генерал Франсис Донован.
Според неговата изјава за „Ројтерс“, уште околу 800 американски војници се стационирани во Порторико и Курасао, од каде обезбедуваат дополнителна логистичка и оперативна поддршка.
Американските сили на теренот се вклучени во операции за пребарување и спасување, во повторно оспособување на аеродромската инфраструктура, како и во координацијата на воздушниот и поморскиот транспорт за побрза испорака на хуманитарна помош до погодените региони.
Дополнително, американската војска распоредила најмалку четири до пет беспилотни летала MQ-9 Reaper, кои се користат за проценка на состојбата во погодените подрачја и за обезбедување разузнавачки информации што им помагаат на венецуелските власти.
„Користиме дел од истите капацитети што вообичаено служат за следење на безбедносните закани, но сега нивната цел е да утврдат кои патишта се проодни и каде има најголеми оштетувања на објектите“, изјави Донован.
Тој додаде дека припадниците на американската морнарица биле меѓу првите што пристигнале на терен, каде заедно со локалните спасувачки екипи учествувале во расчистување на урнатините и потрага по преживеани.
Генералот нагласи дека распоредувањето на американските сили има исклучиво хуманитарен карактер и дека не постојат планови за нивно подолго задржување во Венецуела.
„Нема разговор за останување. Нашата мисија е да помогнеме и да си заминеме кога ќе завршиме“, порача Донован.


