ДЕТАЛИ ЗА ПОГРЕБОТ НА ВРХОВНИОТ ЛИДЕР АЛИ ХАМНЕИ Повеќе од 90 земји ќе испратат делегации

Иранските власти објавија дека погребните настани ќе се одржуваат неколку дена во повеќе градови.

ДЕТАЛИ ЗА ПОГРЕБОТ НА ВРХОВНИОТ ЛИДЕР АЛИ ХАМНЕИ Повеќе од 90 земји ќе испратат делегации
Фото: Принтскрин

Претставници од над 90 земји, верски лидери, научници и високи државни функционери од целиот свет најавиле присуство на погребните церемонии по повод смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Сејед Али Хамнеи, соопшти иранскиот заменик-министер за внатрешни работи задолжен за безбедност, Али Акбар Пурџамшидијан.

Тој, кој е и секретар на организацискиот комитет за погребот, изјави дека церемониите биле одложени за да се обезбеди доволно време за подготовка на голем национален и меѓународен настан, имајќи ги предвид актуелните околности во кои се наоѓа Иран.

Според него, врз основа на одлуките на кабинетот на покојниот врховен лидер и насоките на новиот лидер на Исламската револуција, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, погребните церемонии ќе се одржуваат во текот на неколку дена.

Комеморативни настани и погребни обреди се планирани во Техеран, Ком, Машхад, како и во Ирак. Пурџамшидијан посочи дека ирачките власти, по координација со Техеран, формирале национален организациски комитет предводен од кабинетот на ирачкиот премиер.

Програмата предвидува останките на Хамнеи на 8 јули да бидат пренесени во Ирак, каде што ќе биде организиран официјален прием на аеродромот во Багдад или Наџаф со присуство на највисоки ирачки претставници. Потоа ќе следуваат поворки и комеморации во светите градови Наџаф и Кербала.

На 9 јули ќе се одржи централната погребна служба во Машхад, каде што ајатолахот Хамнеи и членовите на неговото семејство ќе бидат погребани во близина на светилиштето на имамот Реза.

Иранските власти оценуваат дека церемониите ќе претставуваат демонстрација на национална сила, ќе придонесат за зајакнување на единството во земјата и исламскиот свет и ќе бидат израз на поддршка кон новиот врховен лидер.

За да им се овозможи на граѓаните да присуствуваат на погребните настани, прогласени се неработни денови во повеќе региони – 4 и 5 јули во Техеран, 6 јули низ цел Иран поради централната поворка, 7 јули во Ком и 9 јули во покраината Хорасан Разави.

Според иранските власти, ајатолахот Али Хамнеи загинал во американско-израелски напади врз Иран на 28 февруари, а неговиот син Моџтаба Хамнеи потоа ја презел функцијата врховен лидер.

CATEGORIES
Share This