ЕУ ЈА ОТВОРА ВРАТАТА, МАКЕДОНИЈА СТРАВУВА ОД НОВА БЛОКАДА Муцунски испрати предупредување

Литванскиот министер Кестутис Будрис порача дека ЕУ има нова енергија за проширување, но Муцунски предупреди дека Македонија бара сигурност дека процесот нема повторно да биде блокиран

ЕУ ЈА ОТВОРА ВРАТАТА, МАКЕДОНИЈА СТРАВУВА ОД НОВА БЛОКАДА Муцунски испрати предупредување
Фото: Принтскрин

Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис од Скопје порача дека „моментот за проширување на Европската унија е сега“ и дека земјите кандидати треба да ја искористат актуелната геополитичка ситуација. Сепак, неговиот македонски колега Тимчо Муцунски испрати посложена порака и дека Северна Македонија останува посветена на европската интеграција, но очекува јасни гаранции дека процесот нема повторно да биде блокиран.

Муцунски, одговарајќи на прашање за ставот на Будрис, посочи дека главното прашање за Македонија е како да се обезбеди предвидливост во процесот и заштита од нови билатерални пречки.

„Ние како држава немаме отпор кон европскиот процес. Тоа го повторуваме и јас, и претседателката на државата, и претседателот на Владата. Но, не сакаме повторно да се најдеме во ситуација да направиме чекори, а потоа да се соочиме со нови блокади од една земја членка“, изјави Муцунски.

Тој додаде дека по последните европски средби постои позитивна енергија за придвижување на процесот, но дека Владата сака уверување дека преземените обврски ќе бидат проследени со фер однос и јасни правила. Од друга страна, литванскиот министер Будрис оцени дека ЕУ денес има силна политичка волја за ново проширување, пред сè поради геополитичките предизвици и војната во Украина.

„Ова е моментум што мора да се искористи. Проширувањето сега е водено од геополитичка потреба. По периодот на застој, денес постои јасно разбирање дека процесот мора да продолжи“, рече Будрис.

Тој нагласи дека земјите кандидати мора да ги исполнат своите обврски, но истовремено оцени дека политичките и билатералните спорови треба да се решаваат преку дијалог и со поддршка од европските партнери.

Во однос на односите со Бугарија, Будрис порача дека не очекува брзи промени во позициите, но смета дека дипломатските напори треба да продолжат за намалување на тензиите и враќање на разговорите врз основа на европски принципи.

На средбата во Скопје биле оценети како одлични билатералните односи меѓу Северна Македонија и Литванија, а како важен чекор е посочено отворањето македонска амбасада во Вилнус. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на економската и трговската соработка, при што Литванија ја потврди својата поддршка за европскиот пат на земјата.

CATEGORIES
Share This