ФИЛИПЧЕ СО ЖЕСТОК УДАР 10.000 амандмани се подготвени, нема да дозволиме изборна кражба

СДСМ најавува невидена собраниска блокада, додека власта тврди дека измените се европска реформа за модернизација на изборниот процес.

ФИЛИПЧЕ СО ЖЕСТОК УДАР 10.000 амандмани се подготвени, нема да дозволиме изборна кражба
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави жестока собраниска битка против предложените измени на Изборниот законик, објавувајќи фотографија од кабинетот на координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски.

„Наскоро граѓаните ќе видат како изгледа криминален закон. Нема да дозволиме изборна кражба. 10.000 амандмани спремни“, напиша Филипче на социјалните мрежи.

Измените на Изборниот законик, кои се дел од Реформската агенда, се соочуваат со сериозна блокада од СДСМ и Левица. Според опозициските партии, предложените решенија отвораат простор за изборни злоупотреби, додека власта тврди дека станува збор за реформи неопходни за усогласување со европските препораки.

Процесот на подготовка на измените се одвиваше во рамки на работна група при Министерството за правда, но заврши без политички консензус. Предлогот доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ и ДУИ, додека СДСМ и Левица се спротивставија.

СДСМ го напушти процесот уште пред два месеци, незадоволен од укинувањето на техничката влада, а Левица оцени дека предложените измени се парцијални и дискриминаторски. .

Една од најспорните точки е членот 76-д, кој ја регулира распределбата на буџетските средства за политичко рекламирање. Според Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, бил постигнат компромис за распределба по моделот 42-42-8-5-3, но Левица одбила да го поддржи, барајќи еднаков третман за сите политички субјекти.

Предложената распределба предвидува:

  • 42% за двете најголеми партии од власта;
  • 42% за двете најголеми опозициски партии;
  • 8% за останатите парламентарни партии;
  • 5% за партиите без пратенички групи;
  • 3% за вонпарламентарните партии и независните кандидати.

Дополнителни реакции предизвика и воведувањето електронско гласање за македонските државјани во странство. СДСМ предупредува дека предложениот систем не обезбедува доволно силна проверка на идентитетот на гласачите и може да отвори простор за изборни манипулации. Од власта, пак, возвраќаат дека измените се во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и претставуваат чекор кон модернизација на изборниот процес.

Бидејќи законот е доставен по скратена постапка, опозицијата најавува дека ќе ги искористи сите парламентарни механизми за да го спречи неговото усвојување. Левица веќе соопшти дека нема да дозволи, како што велат, „насилно“ носење на законот без измена на спорните одредби.

Политичкиот судир околу Изборниот законик директно влијае врз исполнувањето на роковите од Реформската агенда, кои се важни за евроинтегративниот процес на земјата. Доколку законот не биде усвоен, тоа би можело негативно да се одрази врз оценките на меѓународните партнери, додека негово донесување без поширок политички консензус дополнително би ја продлабочило недовербата во изборниот процес пред следните парламентарни избори.

ХАОС ПРЕД ИЗБОРИТЕ Најавена блокада на Изборниот законик

CATEGORIES
Share This