ПАДНА ОДЛУКАТА ВО СОБРАНИЕТО Следуваат големи промени во Изборниот законик
Работната група усогласила 28 препораки на ОДИХР, а измените сега продолжуваат на разгледување во собраниските комисии.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ги задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да го разгледаат предлог-законот.
Измените се предложени од група пратеници: Антонијо Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Тие се дел од реформската агенда и предвидуваат повеќе новини, меѓу кои електронско гласање за иселениците, како и измени во системот на државно финансирање на политичките партии.
Образложувајќи ја потребата законот да се донесе по скратена постапка, Милошоски истакна дека за текстот се дискутирало четири месеци во рамки на работната група при Министерството за правда, во која учествувале претставници на речиси сите политички партии, освен СДСМ, која првично се приклучила, но подоцна се повлекла.
Според него, работната група постигнала консензус за 28 препораки на ОДИХР, а сите решенија биле усогласени без надгласување.
Во однос на изборниот модел, Милошоски појасни дека најголем дел од партиите се залагале за една изборна единица, додека други предложиле три или осум изборни единици. Бидејќи не бил постигнат консензус, останува актуелниот модел со шест изборни единици.
За гласањето на дијаспората, тој посочи дека е постигната согласност да се воведе безбедно електронско гласање, по примерот на Франција и Естонија.
Милошоски нагласи дека во подготовката на измените значаен придонес дале и Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Државната комисија за спречување на корупцијата, чии препораки во најголем дел биле прифатени.
Тој додаде дека е постигнат и целосен консензус околу правилата за финансирање на изборното рекламирање, оценувајќи дека предложените измени претставуваат значително унапредување на изборното законодавство.
Според Милошоски, измените се во согласност со реформската агенда и ќе обезбедат стабилна законска рамка за организирање демократски, фер и транспарентни избори во наредните години.
На крајот, тој изрази очекување измените да добијат поддршка од сите политички партии во Собранието.
ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Дијаспората ќе гласа со еден клик – се менуваат изборните правила


