КРЕМЉ ОТКРИ ШТО СЛЕДУВА ВО УКРАИНА Нашите цели ќе бидат постигнати
Портпаролот на Кремљ порача дека ставот на Москва останува непроменет и дека Русија верува во остварување на своите цели.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека ставот на Москва за решавање на конфликтот во Украина останува непроменет и дека развојот на настаните на фронтот, според руските власти, оди во прилог на остварувањето на поставените цели.
„Нашата позиција за решението е добро позната и доследна. Динамиката на фронтот по целата линија на борбен контакт е јасна и ни дава увереност дека нашите цели ќе бидат постигнати“, изјави Песков.
Тој потсети дека основните принципи на руската политика кон украинскиот конфликт ги изложил претседателот Владимир Путин во говорот пред раководството на Министерството за надворешни работи во јуни 2024 година и нагласи дека тие остануваат непроменети.
Според Песков, руските позиции им се добро познати и на украинските власти и на американските преговарачи.
Осврнувајќи се на средбата меѓу Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко, Песков потврди дека било разговарано и за Украина, но демантираше дека Лукашенко пренел порака од украинскиот претседател Володимир Зеленски до рускиот лидер.
На прашањето дали Москва и Киев комуницираат преку белорускиот претседател, Песков одговори дека постојните канали за комуникација мора да останат доверливи.
„За да функционираат постојните канали, тие мора да останат во сенка и подалеку од очите на јавноста. Затоа нема да одговорам на тоа прашање“, рече тој.
Позицијата што Путин ја претстави во јуни 2024 година предвидува Русија да се стреми кон, како што наведува Москва, „конечно решавање“ на конфликтот, а не негово замрзнување. Меѓу условите што ги поставува Кремљ се целосно повлекување на украинските сили од Доњецката, Луганската, Запорошката и Херсонската област, како и воспоставување неутрален статус на Украина.


