ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА ТЕОРЕМА, ЛЕМЕ Премиерно во МКЦ и СУЛИ АН

Претставата ќе гостува на неколку места и фестивали, а од септември повторно ќе има изведби во Скопје. Претпремиерата е во среда 1 јули во МКЦ Скопје.

ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА ТЕОРЕМА, ЛЕМЕ Премиерно во МКЦ и СУЛИ АН
Фото: Театар Златен Елец

Во четврток 2.7 во Младинскиот културен центар во Скопје со почеток од 20 часот ќе се случи премиерата на претставата „Теорема, леме“ според филмот и романот на Пјер Паоло Пазолини кој за прв пат се поставува на театарска сцена во државава, во режија и адаптација на режисерот Мирко Радоњиќ од Црна Гора а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ кој има над 20 продукции вклучувајќи ја и најновата претстава.

Доколку Господ ви се јави со чудо, дали мислите дека вие – вашата природа – ќе се смени? Или пак ќе останете онакви какви што сте биле пред чудото да се случи?”

Ова прашање го поставува Пазолини во својот роман, а и ние во претставата. Во свет воден од капитализам, војни и лажна слика за себеси, можно ли е да доживееме нешто метафизичко кое ги проширува границите на објективната стварност?

Што ако го доживееме и потоа го снема? Како ќе се носиме со отсутството? Какви последици ќе остави оној кој заминува за оној кој останува и чека?

„Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално“ – вели драматургот на претставата Ева Камчевска.

Во „Теорема, леме“ играат актерите Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски, костимографијата е на Лина Лековиќ, а преводот на Наташа Сарџоска, драматург е Ева Камчевска. Фотографиите се на Јордан Звездоски, координатор на проектот е Бобан Алексоски.

Овој проект е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од страна на „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година и Министерството за култура и туризам.

Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.

Во петок 3.7 претставата учествува во рамките на манифестацијата „Скопско лето“ во Сули Ан со почеток од 20:30 часот. Претставата ќе гостува на неколку места и фестивали, а од септември повторно ќе има изведби во Скопје. Претпремиерата е во среда 1.7 во МКЦ Скопје.

Театар „Златен Елец“, освен претставата „Теорема, леме“ интензивно ја подготвува втората премиера ова лето во месец јули во Центарот за култура во Битола, дуодрамата „Свињи“ по текст на Томислав Зајец, во режија на Тамара Стојаноска. Во месец јули продолжуваат и изведбите на „Сина сенка“ по текст на Брајан Рејнолдс, а во режија на Тамара Стојаноска во Скопје и на летни фестивали во Србија и во Црна Гора.

CATEGORIES
Share This