(ВИДЕО) ВАР ГО ШОКИРАШЕ ИРАН ВО 93. МИНУТА Ако не нè сакате на Мундијалот, кажете
Голот во судиското продолжение донесе еуфорија, но ВАР по неколку минути ја претвори во големо разочарување.

Иранската репрезентација остана без голема победа и директен пласман во нокаут-фазата на Светското првенство, откако во судиското продолжение ѝ беше поништен погодок по ВАР-интервенција. Одлуката предизвика жестоки реакции, а селекторот Амир Галеноеи порача дека неговиот тим бил неправедно оштетен.
Иранците ремизираа 1:1 со Египет во драматичен натпревар во Сиетл и сега со три освоени бода ќе мора да ги чекаат резултатите од останатите групи за да дознаат дали ќе се најдат меѓу најдобрите третопласирани селекции.
Дополнителна горчина предизвика ситуацијата од 93. минута. По еден слободен удар и голема мешаница во шеснаесетникот, Шоџа Халилзаде ја испрати топката во мрежата за огромна радост на Иран. Но, по проверка во ВАР-собата, главниот судија го поништи голот поради офсајд.
Одлуката предизвика бројни реакции бидејќи на прв поглед изгледаше дека еден египетски фудбалер се наоѓа поблиску до голот од стрелецот. Сепак, правилата на играта предвидуваат дека кога голманот е излезен од гол-линијата и не е меѓу последните двајца дефанзивци, напаѓачот мора да биде зад двајца противнички играчи за да не биде во офсајд. Токму поради тоа, Халилзаде бил во недозволена позиција според ВАР, за само неколку сантиметри.
По натпреварот, селекторот Амир Галеноеи не го криеше разочарувањето.
„Ако не сакате да учествуваме на Мундијалот, само кажете. Поништувањето на тој гол беше целосно неоправдано и тоа беше чист гол, немаше офсајд. Имам чувство дека целиот фудбалски свет е против нас. Иран се бореше со сè што имаше и светот тоа го виде“, изјави Галеноеи.
Инаку, Египет поведе со 1:0, но Иран брзо израмни и во завршницата тргна по победнички погодок што ќе му го донесеше второто место во групата и директен билет за нокаут-фазата. Наместо славје, ВАР ја прекина радоста на Иранците, а Египет го задржа второто место и обезбеди директен пласман меѓу најдобрите 32 селекции. Иран, пак, останува да се надева дека резултатите од другите групи ќе му овозможат продолжување на мундијалската приказна.


