САМО ЧЕТИРИ МЕСТА ОСТАНАА Еве кои репрезентации веќе се пласираа во нокаут фазата на СП
Познати се 28 од 32-те учесници во шестнаестинафиналето, а последните четири патници ќе бидат решени по вечерашните пресметки.

Нокаут фазата на Светското првенство добива сè појасни контури. Досега 28 репрезентации обезбедија пласман во шестнаестинафиналето, додека последните четири патници ќе бидат познати по утрешните утрински натпревари.
Местото меѓу најдобрите 32 селекции досега го обезбедија: Мексико, Јужна Африка, Швајцарија, Канада, Босна и Херцеговина, Бразил, Мароко, САД, Австралија, Парагвај, Германија, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор, Холандија, Јапонија, Шведска, Белгија, Египет, Шпанија, Зелен ’Рт, Франција, Норвешка, Сенегал, Аргентина, Португалија, Колумбија, Англија и Гана.
Остануваат уште четири слободни позиции, кои ќе ги пополнат селекциите од групите Ј, К и Л, каде што вечерва се игра последното коло.
Аргентина веќе го завери првото место во групата Ј, а вториот патник ќе биде познат по директниот дуел меѓу Алжир и Австрија и натпревар кој ќе одлучи кој ќе продолжи во следната фаза.
Во групата К, Колумбија и Португалија веќе се пласирани, но сè уште не е решено кој ќе заврши на првата, а кој на втората позиција. Шанса за пласман има и ДР Конго, која со победа против Узбекистан може да обезбеди место како една од најдобрите третопласирани селекции.
Во групата Л, Англија и Гана се сигурни учесници во нокаут фазата, додека последниот билет е во игра за Хрватска, чиј пласман ќе биде познат по вечерашните натпревари.
Досега се комплетирани девет од 16-те двојки во шестнаестинафиналето. Останатите дуели ќе бидат познати по завршувањето на последните натпревари од групната фаза.
Познати двојки во шестнаестинафиналето:
- Германија – Парагвај
- Франција – Шведска
- Јужна Африка – Канада
- Холандија – Мароко
- второпласиран К – второпласиран Л
- Шпанија – второпласиран Ј
- САД – Босна и Херцеговина
- Белгија – третопласиран А/И/Ј
- Бразил – Јапонија
- Брегот на Слоновата Коска – Норвешка
- Мексико – третопласиран Ц/Е
- победник Л – третопласиран И/Ј/К
- Аргентина – Зелен ’Рт
- Австралија – Египет
- Швајцарија – третопласиран Г/Ј
- победник К – третопласиран Е/И/Л
Нокаут фазата ќе ја отворат Канада и Јужна Африка. Нивниот дуел е закажан за в недела од 21:00 часот по македонско време на стадионот „СоуФај“.


