СЕДУМ КНИГИ СЕ БОРЕА ЗА ПРИЗНАНИЕТО Еве која ја освои наградата ‘Стојан Христов’ за 2026 година

Жири-комисијата ја избра книгата „Патешествие низ времиња“ од Ибраим Џемаил – Скарабеус.

СЕДУМ КНИГИ СЕ БОРЕА ЗА ПРИЗНАНИЕТО Еве која ја освои наградата ‘Стојан Христов’ за 2026 година
Фото: Принтскрин

Поетската книга „Патешествие низ времиња“ од Ибраим Џемаил – Скарабеус е избрана за добитник на наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво.

Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Иван Шопов (претседател) и членовите Славе Ѓорѓо Димоски и Никола Ѓелинчески, по разгледувањето на седум поетски збирки пристигнати на конкурсот од македонски иселеници.

Во образложението, жири-комисијата оценува дека „Патешествие низ времиња“ претставува поетски запис исполнет со лични сеќавања, животни искуства и силно чувство на припадност. Книгата ја следи врската на авторот со Македонија, која не е претставена само како роден простор, туку и како духовно место кон кое постојано се враќа.

Песните се изградени преку богата сликовитост и симболика, а низ целата збирка се провлекуваат мотивите на патувањето, корените, спомените и потрагата по домот. Особено се издвојуваат стиховите во кои личната емоција е пренесена непосредно и искрено.

Жирито посочува дека книгата опфаќа широк спектар теми,  од љубовта и загубата до општествените и идентитетските прашања, создавајќи препознатлив поетски израз кој произлегува од животното искуство на авторот.

„Патешествие низ времиња“ е оценета како искрен и личен поетски запис за човекот кој живее меѓу спомените, патувањата и постојаната потрага по сопствените корени и дом“, се наведува во образложението на жири-комисијата.

CATEGORIES
Share This