СЕ ОТВОРА НОВ РОК ОД ЕДНА ГОДИНА Шанса за сите што имаат нерегулирано оружје
Рокот за наследено оружје се продолжува од два на четири месеци, а граѓаните добиваат уште една година за регулирање на статусот.

Собранието го усвои новиот Закон за оружје, со кој се воведуваат низа измени насочени кон поедноставување на административните постапки, зголемување на безбедноста и поголема правна сигурност за граѓаните.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека новото законско решение е дел од реформската агенда и предвидува побрзи услуги преку воведување нови електронски можности.
Една од новините е можноста граѓаните со едно барање да аплицираат за набавка на повеќе парчиња оружје. Истовремено, се воведува ограничување на максималниот број оружје што може да го поседува едно лице, со предвидени законски исклучоци.
Со законот се уредуваат и условите за полнење муниција, задолжителното обезбедување соодветен простор за безбедно чување на оружјето, како и проширување на можностите за сокорисничко право.
Значајна промена се однесува на наследното оружје. Рокот за поднесување барање за набавка по основ на наследство се продолжува од два на четири месеци.
Предвиден е и преоден период од една година за граѓаните кои претходно не поднеле барање во законскиот рок за наследено оружје, како и за оние кои сакаат да извршат легализација, пререгистрација или доброволно предавање на оружјето.
Од МВР додаваат дека со воведувањето на новите електронски услуги се очекува административните постапки да бидат поедноставни, побрзи и подостапни за граѓаните.


