ЉУТКОВ ОТКРИ ШТО НАСЛЕДИЛ Долг од 273 милиони, а денес буџетите се рекордни

Според министерот, реализирани или во тек се 73 од вкупно 98 мерки предвидени во Владината програма за култура.

ЉУТКОВ ОТКРИ ШТО НАСЛЕДИЛ Долг од 273 милиони, а денес буџетите се рекордни
Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска презентираше отчет за работата на Министерството во изминатите две години, оценувајќи дека е воспоставен системски пристап кој донел финансиска стабилизација, законски реформи и значајни инвестиции во културата и туризмот.

Тој посочи дека при преземањето на функцијата во 2024 година бил наследен долг од 273 милиони денари по основ на плати во националните и локалните установи, како и институционален систем без јасни стратешки насоки. Со првиот ребаланс на Буџетот биле обезбедени средства за подмирување на обврските, дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините.

Според Љутков, во завршна фаза се Националната стратегија за развој на културата, Националната стратегија за културно наследство и Националната стратегија за развој на туризмот, додека паралелно се подготвуваат измени на повеќе системски закони.

Министерот истакна дека за првпат е воведен моделот на делегиран буџет во 28 национални установи, со што се овозможува поголема автономија и поефикасно управување со јавните средства.

Буџетот за Годишната програма за култура е зголемен од 768 милиони денари во 2023 година на 1,071 милијарда денари во 2026 година, што претставува раст од речиси 40 проценти. Во истиот период сопствените приходи на националните установи се зголемиле за повеќе од 150 проценти.

Во изминатите две години реализирани се 320 нови вработувања и 35 унапредувања во националните установи, а воспоставен е и конкурс за мобилност преку кој културните работници се усовршуваат во странство.

Љутков нагласи дека по седум години повторно е распишан конкурсот за креативни индустрии, со кој се поддржани 108 проекти, а по речиси една деценија обновен е и откупот на ликовни дела.

Во филмската дејност, буџетот на Агенцијата за филм е зголемен од 100 милиони денари во 2024 година на 187 милиони денари во 2026 година, а со законските измени се предвидуваат дополнителни средства за домашната продукција.

Во делот на капиталните инвестиции, средствата се зголемени од 230 милиони денари во 2023 година на 485 милиони денари во 2026 година. Во тек се изградба и реконструкција на повеќе значајни објекти, меѓу кои Театарот во Струмица, киното „Партизан“ во Битола, новите простории на Џез оркестарот, реконструкцијата на Македонскиот народен театар и Универзалната сала.

Министерот посочи дека е засилена и заштитата на културното наследство преку инвестиции во археолошки локалитети, реконструкција на споменици на културата, продолжување на проектот за Плаошник и воспоставување национален дигитален регистар.

Во областа на туризмот, буџетот е зголемен од 58 милиони денари во 2023 година на 186 милиони денари во 2026 година, а во завршна фаза е Националната стратегија за развој на туризмот со акциски план.

Според Љутков, од вкупно 98 мерки предвидени во Владината програма за култура, реализирани или во тек на реализација се 73, односно 72 проценти.

„Ова не е само отчет за две години работа. Ова е доказ дека со визија, одговорност и системски пристап се поставуваат цврсти темели за посилни институции, подобро заштитено културно наследство, поконкурентен туризам и одржлив развој на културата“, изјави министерот Љутков.

CATEGORIES
Share This