ТРАМП СО ИТНО ОБРАЌАЊЕ Иран го прекрши примирјето, нова криза се заканува во Хормускиот теснец

По наводниот напад со беспилотни летала врз трговски брод, Доналд Трамп го обвини Техеран за кршење на примирјето, додека Иран предупредува дека безбедноста на пловидбата зависи од договор со неговите власти.

ТРАМП СО ИТНО ОБРАЌАЊЕ Иран го прекрши примирјето, нова криза се заканува во Хормускиот теснец
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Иран го прекршил договорот за прекин на огнот, откако, според неговите наводи, бил извршен напад со беспилотни летала врз брод во стратешки важниот Хормуски теснец.

Во објава на платформата Truth Social, Трамп наведе дека Иран лансирал најмалку четири самоубиствени дронови кон пловни објекти кои минуваат низ теснецот. Според него, американските сили успеале да соборат три летала, додека четвртиот погодил и оштетил трговски брод.

„Ова е очигледно прекршување на нашиот договор за прекин на огнот“, порача Трамп.

Тој оценува дека ситуацијата претставува нова закана за стабилноста во регионот.

Во меѓувреме, Техеран предупреди дека не може да гарантира целосна безбедност на бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец доколку користат маршрути или механизми воспоставени без согласност на иранските власти.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, порача дека секоја рамка за поморскиот транзит мора да биде усогласена со Иран како крајбрежна држава. Тој нагласи дека паралелните рути и договори без учество на Техеран нема да бидат прифатливи.

„Безбедното поминување низ Хормускиот теснец не може да се гарантира со нејасни аранжмани или процеси во кои не е земена предвид улогата на Иран“, изјави Гарибабади.

Иранското Министерство за надворешни работи претходно ја критикуваше заедничката изјава на САД и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, која повикува на слободна и неограничена пловидба низ теснецот без наметнување контрола или дополнителни трошоци.

Според привремениот договор со кој беше ставен крај на воените судири, Иран се обврзал во следните 60 дена да вложи напори за обезбедување безбедно минување на трговските бродови. Во договорот е наведено дека идното управување со Хормускиот теснец треба да се регулира преку дијалог со Оман и во согласност со меѓународното право.

Техеран инсистира дека теснецот се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман и дека навигацијата мора да се регулира со договорени механизми. Новите обвинувања меѓу Вашингтон и Техеран повторно ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на една од најважните светски поморски рути.

ТРАМП СЛАВИ НАПРЕДОК СО ТЕХЕРАН Иран веднаш возврати со демант

CATEGORIES
Share This