ШЕСТ НАТПРЕВАРИ, МНОГУ ДРАМА Вечерва паѓа одлуката кој оди во нокаут фазата
Три групи влегуваат во последната пресметка, а секој бод може да значи билет за следната рунда.

Со шесте натпревари кои ќе се одиграат вечерва и во раните утрински часови ќе биде позната сликата во уште три групи од првата фаза. Ќе се дознае кои две селекции ќе обезбедат директен пласман во нокаут фазата, а кои третопласирани ќе мора да го чекаат расплетот во останатите групи.
Во групата И, првите две позиции веќе се резервирани за Франција и Норвешка, а нивниот меѓусебен дуел ќе одлучи кој ќе заврши како лидер. Во вториот натпревар Сенегал ќе се соочи со Ирак, а победа за африканската селекција може да значи пласман во следната рунда. Двата натпревари започнуваат во 21 часот.
Во групата Х, пресметките се закажани за 02:00 часот по полноќ. Лидер е Шпанија со четири бода, додека Уругвај и Зелен ’ртски Острови имаат по два. Токму нивните дуели ќе бидат клучни и победа за Уругвај или Зелен ’ртски Острови ќе им донесе место во нокаут фазата. Шанса има и Саудиска Арабија, но само со триумф може да остане во игра.
Слична е ситуацијата и во групата Г, каде натпреварите се играат од 05:00 часот наутро. Ќе се сретнат Нов Зеланд – Белгија и Египет – Иран. Египет е на врвот со четири бода, Иран и Белгија имаат по два, додека Нов Зеланд е последен со еден бод. Победите во последното коло можат да значат голем скок и обезбедување на една од првите две позиции.


