СУДОВИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО НОВА ЕРА Донесен законот што треба да го смени функционирањето на судската служба
Новото законско решение воведува посебен систем за судските службеници, нови правила за вработување, плати и напредување.

Собранието го усвои Законот за судска служба, едно од клучните реформски законски решенија во областа на правосудството, усогласено со Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024-2028.
Со новиот закон се надминуваат долгогодишните слабости во досегашниот систем и се создаваат услови за поефикасно функционирање на судовите преку јасно дефинирање на улогата, статусот и одговорностите на судските службеници како важен дел од судската власт.
Една од најзначајните новини е издвојувањето на судските стручни службеници како посебна категорија административни службеници во рамките на судската власт. Со тоа тие добиваат сопствен законски режим, прилагоден на специфичностите и потребите на судовите.
Законот воведува и нов систем на класификација на работните места, со нови категории, нивоа и звања кои одговараат на реалните потреби на судската служба. На овој начин се отстрануваат досегашните проблеми предизвикани од примената на општиот систем на административни службеници.
Покрај тоа, се воспоставува посебен систем за вработување и унапредување на судските службеници. Новата постапка ќе опфаќа административна селекција, испит и интервју, со цел избор на најстручни и најквалитетни кадри за работа во судовите.
Со законското решение дополнително се зајакнува независноста на судската власт. Судскиот буџетски совет добива централна улога во кадровското планирање преку подготовка на единствен годишен план за вработување, кој ќе се доставува до надлежните институции за увид и известување, без претходна согласност. Со тоа се намалува влијанието на извршната власт врз кадровските процеси во судството.
Новина е и воспоставувањето на нов систем на плати, со кој зголемувањата утврдени со колективните договори ќе бидат дел од основната плата. Ова овозможува постабилен, поправеден и попредвидлив систем на вреднување на трудот на судските службеници.
Законот прецизно го регулира и статусот на судската полиција, чии припадници добиваат право на бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите вработени во судовите, со јасно утврдени права, обврски и одговорности.
Посебно внимание е посветено и на функцијата судски администратор. За првпат се воспоставува вистински кариерен систем што овозможува искусни и професионални судски службеници да напредуваат до оваа позиција врз основа на јасни критериуми. Истовремено, судскиот администратор станува дел од системот на дисциплинска одговорност, со што се зголемуваат интегритетот, отчетноста и професионалноста во судската служба.
Со донесувањето на Законот за судска служба се исполнува уште една обврска од Реформската агенда и се прави значаен чекор кон создавање независно, професионално и ефикасно правосудство.


