ПРИЗНАНИЕ ОД ПРЕМИЕРОТ Нема промена на преговарачката рамка за Македонија

Премиерот откри дека разговарал со Макрон и Мерц за нов механизам за Западен Балкан, но призна дека постојната рамка може да се промени само со консензус.

ПРИЗНАНИЕ ОД ПРЕМИЕРОТ Нема промена на преговарачката рамка за Македонија
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски призна дека преговарачката рамка за членството на Македонија во Европската Унија не може да се промени без согласност од сите земји-членки, но смета дека Брисел може да го забрза приближувањето на Западен Балкан преку нов механизам, сличен на Реформската агенда или Планот за раст.

Во интервју за МТВ, Мицкоски откри дека за оваа идеја разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.

„Ако целиот предлог е врзан со отворање и затворање кластери, тогаш не ја гледам целисходноста. Имаме различни ситуации во регионот – Косово не е кандидат, Босна и Херцеговина е на почеток, Македонија е блокирана, а Србија има свои проблеми со усогласувањето со европската политика. Затоа предложив да се размисли за друг механизам, како Реформската агенда или Планот за раст, преку кој земјите ќе добијат поттик и поддршка“, рече Мицкоски.

Според него, предлогот предизвикал интерес кај соговорниците, но останува да се види дали ќе биде вграден во идните европски политики.

Истовремено, премиерот нагласи дека не очекува промена на преговарачката рамка.

„Тоа е договор што може да се измени само со консензус. Не очекувам земјите-членки да се откажат од своите позиции“, изјави тој.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Мицкоски повтори дека Софија треба да ги исполни своите обврски, особено во однос на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Тој посочи дека Судот досега донел 14 пресуди во корист на Македонците во Бугарија, а ниту една против Македонија за правата на бугарската заедница.

„Ако резултатот е 14:0, тогаш навистина нема логика да се зборува дека проблемот со човековите права е кај нас“, рече премиерот.

Тој ја обвинува Бугарија дека не ги спроведува меѓународните обврски и продолжува со, како што рече, политика на негирање на македонскиот идентитет.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека е „ужасно разочаран“ од реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи по објавувањето на дипломатски документ поврзан со патувањето на семејството на премиерот Мицкоски во Бугарија.

„Очекував осуда и признание дека е направена грешка. Така постапува одговорна држава – се извинува кога ќе се направи пропуст“, изјави Муцунски.

Изјавата на Мицкоски претставува значајна промена во однос на поранешните ставови на ВМРО-ДПМНЕ. Пред изборите во 2024 година, партијата тврдеше дека преговарачката рамка може да се измени, а тој наратив продолжи и по доаѓањето на власт.

Сега, премиерот јавно признава дека таква можност практично не постои и дека единствениот реален простор за напредок е преку нови европски механизми кои би го забрзале интегрирањето на земјите од Западен Балкан, без формална промена на постојната преговарачка рамка.

МИЦКОСКИ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА Ова не е случајност, некој го планираше

CATEGORIES
TAGS
Share This