ВИДЕОТО КОЕ НЕ СМЕЕТЕ ДА ГО ПРОПУШТИТЕ– Целиот концерт на Влатко и Златко Миладиноски
По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на локалитетот Хераклеја во Битола.

Еден од највпечатливите музички настани во изминатите години, концертот на Влатко и Златко Миладиноски во арената „Борис Трајковски“, повторно е достапен за јавноста. Целосната снимка од концертниот спектакл е објавена на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски, овозможувајќи им на илјадниците љубители на македонската музика уште еднаш да ја почувствуваат атмосферата од вечерта што долго ќе се памети.
Концертот уште при неговата реализација предизвика огромен интерес и беше оценет како еден од најзначајните фолк-настани одржани во најголемата македонска арена. Преполната сала, публиката која во еден глас ги пееше најголемите хитови и емоциите кои се чувствуваа во секој агол од арената создадоа незаборавна музичка приказна.
Во текот на вечерта беа изведени љубовни, печалбарски, патриотски и традиционални македонски песни, а еден од моментите што остана врежан во сеќавањата е големото оро кое се формираше меѓу посетителите, претворајќи го концертот во вистински празник на македонската песна и култура.
На сцената настапија повеќе од 30 музичари, придружени од играорци, балетски и современи танчери, кои со своите изведби дополнително ја збогатија програмата. Покрај домаќините Влатко и Златко Миладиноски, концертот беше збогатен и со настапи на Виданка Георгиевска, Влатко Лозаноски, Некст Тајм, Елена Андоновска, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски.
Посебен белег на вечерта остави и познатиот гајдаџија Стефче Стојкоски, додека воведниот текст го интерпретираше актерот Владо Јовановски, по текст на Регина Икономовска.
Зад реализацијата на концертот стоеше голем тим професионалци. Организатор на настанот беше Balkan Media, продуцент Трајче Петковски, видео продукцијата ја реализираше Moonlight, аудио продукцијата беше доверена на City Sound, а сценографијата ја потпишува Зоран Тошески.
Објавувањето на концертот на YouTube претставува можност за сите кои не успеаја да бидат дел од оваа музичка вечер, но и за оние кои сакаат повторно да ги доживеат емоциите, песните и атмосферата од концертот што ја исполни арената „Борис Трајковски“.
По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на локалитетот Хераклеја во Битола.



