ПОЕТИ, ЛАУРЕАТИ И МЕЃУНАРОДНИ ГОСТИ Струга денес е центарот на светската книжевност
Поетски читања, книжевни промоции и меѓународни средби го одбележуваат вториот фестивалски ден.

Вториот ден од 65. издание на Струшките вечери на поезијата продолжува со динамична и разновидна програма што ги обединува поетите, издавачите и љубителите на книжевноста од земјава и од светот.
Настаните започнуваат со поетско читање на авторите кои се најдоа во потесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2026 година. Во продолжение ќе биде претставен авторски портрет на минатогодишната добитничка на признанието, Јулијана Величковска.
Во рамки на фестивалската програма ќе се одржат и промоции на изданијата од едицијата „Плејади“, како и претставување на книгата со интервјуа „Венценосци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски.
Посебно внимание привлекува и поетското кафе организирано во соработка со ВЕРСОПОЛИС, кое ќе овозможи средби меѓу издавачи, литературни агенти и професионални гости на фестивалот. Предвиден е и портрет на Даниел Хајндс, добитник на наградата „Мостови на Струга“, која заеднички ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО.
Вечерната програма ќе биде заокружена со меѓународните поетски читања „Кругови“ и „Ноќ без интерпункција“, едни од најпрепознатливите фестивалски содржини. На полноќ, во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“, ќе настапат поетите застапени во антологијата на македонската поезија „Камен и земја“, приредена од Иван Џепароски.
Со богата културна понуда и учество на автори од различни земји, вториот фестивалски ден уште еднаш ја потврдува улогата на Струга како светска поетска сцена каде се среќаваат различни јазици, култури и книжевни традиции.
Фестивалот беше свечено отворен вчера со традиционалното садење дрво во чест на добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, Анеке Брасинга, по што следуваа палењето на фестивалскиот оган и меѓународното читање „Меридијани“.
Годинашните Струшки вечери на поезијата се одржуваат под мотото „Каде што живее поезијата“ и ќе траат до 29 јуни, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка од Министерството за култура и туризам.


