УЈП СО ВАЖЕН РОК На 30 јуни истекува клучниот датум за големите компании

Компаниите опфатени со новиот закон мора електронски да ги достават пријавите за 2024 година најдоцна до 30 јуни 2026 година.

УЈП СО ВАЖЕН РОК На 30 јуни истекува клучниот датум за големите компании
Фото: Национал

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсети даночните обврзници кои подлежат на Законот за минимален глобален данок на добивка дека 30 јуни 2026 година е крајниот рок за поднесување на првите даночни пријави за 2024 година.

Со законските измени се воведува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационалните компании и големите домашни групи, со минимална даночна стапка од 15 проценти. Обврската се однесува на компании со седиште во земјава кои се дел од групи со консолидиран годишен приход од најмалку 750 милиони евра, остварен во најмалку две фискални години во периодот од 2020 до 2023 година.

Примената на минималното глобално оданочување се спроведува преку три механизми: квалификуван домашен дополнителен данок, правило за вклучување на добивката и правило за помалку оданочена добивка.

Од УЈП информираат дека до 30 јуни обврзниците треба електронски да достават известување за субјектот кој е назначен да ја поднесува Пријавата за информации за дополнителен данок, како и Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок (КДДД/П).

Во истиот рок, преку системот „е-Даночни услуги“, во делот „Извештај за глобален данок“, треба да се поднесе и Пријавата за информации за дополнителен данок.

Пријавата за дополнителен данок (ДДД/П) ќе може да се достави најдоцна до 30 јули 2026 година.

УЈП посочува дека пријавите се задолжителни и во случаи кога пресметаниот износ за плаќање е нула.

Рокот за плаќање на квалификуваниот домашен дополнителен данок е 30 јули 2026 година, додека дополнителниот данок на добивка треба да биде платен најдоцна до 30 август 2026 година.

CATEGORIES
Share This